Спикерот Вељаноски денеска ќе ги распише претседателските избори

Кампањата ќе започне дваесет дена пред изборите, а партиите се уште не излегле со кандидатури за шеф на државата.

Претседателот на Собранието Трајко Вељаноски денеска ќе ги распише претседателските избори и ќе го соопшти датумот на нивното одржување.  

- Уставна надлежност и обврска на претседателот на Собранието е да ги распише изборите. Во конкретниот случај имаме редовни претседателски избори кои треба да се одржат во периодот од 12 март до 12 мај, изјави Вељаноски во интервју за МИА.

Се очекува петтите претседателски избори во Македонија да се одржат во април. Кампањата ќе започне дваесет дена пред изборите, а партиите се уште не излегле со кандидатури за шеф на државата.

Решението за распишување на изборите Собранието ќе го достави до Државната изборна комисија, која, според нејзиниот претседател Никола Рилкоски, е подготвена за реализација на изборниот процес, но и за одржување на предвремени парламентарни избори.

Четвртите претседателски избори во Македонија се одржаа на 22 март 2009 година, на кои победи актуелниот шеф на државата Ѓорге Иванов, како предлог на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата. Негов противкандидат во вториот круг од изборите на петти април беше кандидатот на СДСМ Љубомир Фрчкоски. 


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top