Според Царовска скандалот во пензискиот фонд бил системска грешка

Системска грешка, а не техничка. Вака министерката за труд и социјална политика го објасни скандалот со непрефрлањето 19 милиони евра на 12 илјади корисници во вториот пензиски столб..

Во интервју за емисијата 360 степени на Алсат, Мила Царовска повторно не посочи персонална вина за скандалот во пензискиот фонд кој таа самата го откри. Не одговори дали тие 19 милиони евра наместо во вториот столб, се користеле за исплата на тековни пензии.

– Е, сега велите дека е системски проблем, тогаш на крај може да излезе дека нема персонални одговорности, дека никој лично не е одговорен, туку дека проблемот бил некаде во законот во системот. Велите дека е системска грешка?

„Па е системска грешка, зошто целиот систем, едноставно заборавил дека треба да се следи и дека треба одговорно со финансиските средства што работодавачот ваш денеска ви ги уплаќа за придонеси одреден процент останува во првиот пензиски столб, но одреден заминува во вториот за вие да можете да земете целосна пензија“, вели Царовска.

Објавувањето на скандалот со 19 – те милиони евра во ПИОМ од страна на ресорната министерка, од ДУИ го оквалификуваа како специјална војна затоа што токму нивни функционери раководеа со фондот во изминативе години. Но, несогласувања на министерката со ДУИ во сферата на социјалната политика и носењето законски измени имало и надвор од овој скандал. Од Мала Речица биле против укинувањето на парите за трето дете, но и против одлуката старосна социјална пензија да имаат лица кои имале макар еден ден работен стаж.

„За прв пат се воведува државна пензија и затоа треба да се направи врз основа на анализи, проекции, податоци, буџет, за да може да се направи таква проекција ние предложивме еден ден стаж во реформата. П: Е сега ДУИ не го прифаќа тоа? О: Не, зошто велат дека има граѓани коишто немале можност никогаш да бидат пријавени во пензискиот фонд и ги нема во тој регистар и тоа е нешто за коешто можеме да дискутираме“, вели Царовска.

Инаку, по објавата на скандалот за неуплаќањето на 19 милиони евра во вториот пензиски фонд, Царовска поднесе кривична пријава. Беше да даде и исказ во обвинителството. И таму се огради и не посочи кај кого таа како министерка препознава вина. Била повикана само како сведок. Инаку, Владата соопшти дека се обезбедени 19 милиони евра од државната каса за да се исплатат 12 илјади осигуреници на кои изминатите 10 години не им биле префрлани пари во вториот пензиски столб.


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top