Спречен терористички напад во Белград: Пронајдени планови за напад во станот на маж кој преминал во Ислам

Денес во Белград е уапсен 35-годишниот И.Д. за кого се сомнева дека бил во контакт со екстремистички организации и планирал да изведе терористички напад во српската престолнина..

„Вечерње новости“ пренесува дека станува збор за лице кое што пред една година преминало на Ислам, но сепак 35-годишниот И.Д. немал директна врска со терористичката организација Исламска држава.

Исто така „Вечерње новости“ дознаваат дека станува збор за психички растроено лице, а извори од српската разузнавачка служба „БИА“ тврдат дека тој факт не ја намалува потенцијалната опасност која што ја претставувал тој.

Во неговиот стан биле пронајдени планови и белешки за тоа во кое време и на кои места треба да ги организира нападите со цел да има што е можно повеќе жртви. Покрај тоа, во неговиот стан биле пронајдени и скици за изработка на различни експлозивни направи.

Неименувани извори од српската разузнавачка служба откриваат дека станува збор за лице кое што имало сериозни проблеми во семејството. Лицето И.Д. со своите активности на социјалните мрежи и настојувањата да стапи во контакт со џихадистичките организации во регионот „им влегол на радар“ на српските разузнавачки служби и српското Министерство за внатрешни работи.

Како што велат извори од „БИА“, токму нарушените семејни односи и болеста на неговите родители ја предизвикале неговата радикализација и преминувањето на Ислам.

„Воочивме дека И.Д. упорно се обидува да се приклучи на лица поврзани со тероризам. Со оглед на тоа што станува збор за лабилно лице кое што се чувствува дека е изолирано од општеството, моравме да го зголемиме надзорот. Нашите оперативни информации се покажаа како точни, но ова сепак треба да се гледа како изолиран случај затоа што тој не е припадник на ИСИС“, изјавил за „Вечерње новости“ соговорник од српската разузнавачка служба „БИА“.


Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top