Србија очекува да имаме заеднички железнички граничен премин до 2021 година

Српското министерство за градежништво, сообраќај и инфраструктура очекува новиот заеднички железнички граничен премин меѓу Македонија и Србија да биде изграден до крајот на 2021 година..

Во изјава за „Мета.мк“, од Министерството во Белград нагласуваат дека Управниот одбор на Инвестициската рамка за Западен Балкан треба допрва во декември да го донесе конечниот став за финансирањето на овој проект, а дури потоа би можело да се распише тендерот за изградба на идниот објект што ќе биде лоциран до железничката станица во Табановце.

– Покрај изградбата на новите објекти и реконструкцијата на постоечките за создавање услови за работа на преминот, планирано е проширување на железничкиот капацитет на станицата која технолошки не била планирана за функцијата која во моментов ја обавува. Планирано е сите активности да бидат изведени без прекин на сообраќајот – појаснуваат од српското министерство.

За изградба на заедничкиот железнички граничен премин кај Табановце двете влади формирале управен одбор во кој сите надлежни органи од двете земји учествувале со свој претставник во изработката на проектната документација за идниот објект со планирана површина од 2.500 метри квадратни.

И покрај тоа што договорот за воспоставување на заеднички гранични контроли во железничкиот сообраќај е потпишан уште во 2015 година, од српското министерство појаснуваат дека не може да се врши споредба на овој проект со веќе пуштениот во работа заеднички патен граничен премин Табановце – Прешево.

– Треба да се има на ум дека обезбедувањето на средства од донација за оваа намена си има своја процедура и динамика, која не зависи од волјата на корисниците на проектот. Забрзување во овој дел на активностите не е возможно – велат од српското Министерство за градежништво, сообраќај и инфраструктура.

Идниот објект ќе биде првиот изграден по европски стандарди, со современо опремени простории за сместување на граничните органи на двете земји, во чии рамки е предвидена и лабораторија за ветеринарно и фитосанитарно испитување.

Официјалните власти од Белград очекуваат заедничкиот железнички граничен премин кај Табановце да почне да се гради во текот на 2020 година, со рок на завршување на градежните активности од 18 месеци.

За разлика од нив, македонското Министерство за транспорт и врски во изјава за „Мета.мк“ појасни дека очекува граничниот објект да биде готов дури во 2023 година. Според нивните податоци, донацијата од 2,8 милиони евра од Инвестициската рамка за Западен Балкан не е доволна за проектот со проценета вредност од над 5,1 милион евра. Допрва ќе треба да се склучи договорот за инвестициски грант со Европската банка за обнова и развој, која ќе го обезбеди остатокот од инвестицијата.

Идниот заеднички железнички премин кај Табановце треба да го скрати за 30 минути времето потребно за гранична контрола на патниците во возовите, но и за 90 минути да го забрза минувањето на товарните возови меѓу Македонија и Србија. На експресниот воз меѓу Скопје и Белград во моментов му требаат речиси 10 часа за да го мине растојаните меѓу двата града.

Извор: Мета


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top