Средба Бишоп - Димитров: Дијаспората мост за соработка меѓу Македонија и Австралија

Според министерката Бишоп, предолго не се случила ваква посета на земјава и изрази надеж дека тие ќе бидат почести во иднина..

Потенцијалот за соработка меѓу Македонија и Австралија е огромен, а првата посета на австралиски министер за надворешни работи на Македонија е добар старт за тој да почне да се искористува. Мост на таа соработка е многубројната македонска дијаспора во Австралија, оценија на вчерашната заедничка прес-конференција австралиската министерка за надворешни работи Џули Бишоп и нејзиниот домаќин, шефот на македонската дипломатија Никола Димитров.

Според министерката Бишоп, предолго не се случила ваква посета на земјава и изрази надеж дека тие ќе бидат почести во иднина.

- Особено сум задоволна што сум тука во овој период кога има големи очекувања, големи можности, во време кога македонскиот народ има нова влада и врти нова страница. Земјата отвора ново поглавје и Австралија ве охрабрува во спроведувањето на сите задачи што се поставени на агендата - економските реформи, заложбите за демократија, демократските вредности, за владеење на правото и човековите права, нулта толеранција за корупцијата. Треба да се поддржат напорите во овие цели и ќе направиме сѐ што можеме да ве поттикнеме во вашите напори - рече Бишоп.

Според Димитров, ова е голем ден за нас, бидејќи ова е прва посета на министер од Австралија од прогласувањето на независноста на Македонија во 1991 година.
-  Има огромен потенцијал за развој на билатералните односи и ќе ги искористиме оваа посета и ова внимание што го добива регионот како еден старт на искористување на овој потенцијал. Се надеваме дека ова е само еден почеток. Сакаме да има, можеби не пречести со оглед на реалноста на географијата, меѓутоа редовни средби и на министерско и на повисоко ниво меѓу Република Македонија и Австралија - рече Димитров.
На билатерално ниво двајцата оценија дека многубројната македонска дијаспора создава тесна поврзаност на ниво на народи на двете држави.
- Во државата од каде што доаѓам има мошне гласна македонска дијаспора, која е заинтересирана за нејзината нова татковина, но и за нејзината матична земја и тоа што се случува во неа - рече Бишоп.
Димитров нагласи дека значаен дел во разговорите посветиле токму на македонската дијаспора во Австралија, како мост на соработка меѓу двете земји и како една од базите на кои ќе можеме и понатаму да ги градиме односите.

Министрите за надворешни работи се осврнале и на можностите за зголемување на економската соработка, на трговската размена меѓу двете земји, како и за глобалните предизвици, како што се мигрантската и бегалската криза, борбата против тероризмот и заедничките напори што можат да ги направат двете земји како дел од коалицијата против ИСИС. 

- Споделивме искуства во справувањето со тероризмот. Мислам дека има многу можности за развој на нашата соработка како дел од групата на министри на демократски држави во овој дел од светот во нашите настојувања за постигнување мир и просперитет во свет оптоварен со многу предизвици - порача Бишоп.

Австралиската министерка Бишоп е во посета на Македонија во рамките на нејзината турнеја во регионот, за да се стекне со добра перспектива за значењето на овој дел од светот за врските со ЕУ и НАТО. Во Скопје дојде од Хрватска, а оттука ќе замине за Србија.


Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top