Средба на министерот Никола Попоски со Адмиралот Брус Клинган, Командант на Здружената команда на НАТО во Неапол

Министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Попоски, денес во Скопје се сретна со Адмиралот Брус Клинган, Командант на Здружената команда на НАТО во Неапол.

На состанокот, двајцата соговорници разменија мислење за улогата на НАТО Алијансата во одржување на мирот и стабилноста на Балканот, во Европа, но и пошироко во светот, во региони кои се соочени со безбедносни предизвици.

Притоа, Адмиралот Клинган и одаде признание на Македонија за нејзината посветеност во воспоставувањето и зачувувањето на глобалниот мир и безбедност, преку учество во мисијата на НАТО во Авганистан.  Тој исто така изрази задоволство од соработката Република Македонија и НАТО во рамки на КФОР, со која значително се унапредува безбедноста и стабилноста во регионот.

Заеднички беа разгледани актуелните теми врзани со спроведувањето на националните реформи во контекст на нашето членство во НАТО. Министерот Попоски го истакна континуитетот во напредокот на имплементацијата на националните реформски прoграми, со констатација дека членството на Република Македонија во НАТО и натаму претставува заемен интерес и цврста определба за Република Македонија и за Алијансата. 

Реафирмирајќи ја притоа декларираната подготвеност на Република Македонија за учество во оперативните активности на Алијансата,  Министерот Попоски ја потврди нашата определба за соработка и во областите поврзани со справувањето со новите безбедносни предизвици, како што се тероризмот и компјутерскиот криминал.

И во оваа прилика, Министерот Попоски ја реафирмираше определбата на Владата на Република Македонија за што поскоро зачленување во НАТО, како еден од главните приоритети на надворешната политика на Република Македонија.


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top