Средба Заев - Брнабиќ: Македонија останува воздржана за Косово во УНЕСКО

Прашањето за тоа каков ќе биде ставот на Македонија во однос на амбицијата на Косово да се зачлени во УНЕСКО е еден сегмент од неодамнешниот дипломатски спор меѓу Белград и Скопје, кој денеска се најде на маргините на регионалниот состанок во Драч..

Македонија е помеѓу „два огна“ по ова прашање, па за премиерот Зоран Заев веројатно како најбезбедна позиција е, да се надева на нови и подобри околности во иднина за решавање на ова прашање.

„Мораме да гледаме напред а не назад, затоа што ова во некои земји може да доведе до нарушување на соседските и регионални однос. Добрите односи се во интерес на сите граѓани на Балканот“, изјави Заев.

Наводното офанзивно разузнавачко дејствување што предизвика напнатост во односите меѓу Белград и Скопје, српската премиерка Ана Брнабиќ денеска го нарече со други зборови. „За работите што се случуваа овие денови“ како што рече таа, разговарала со Заев и наишла на добро разбирање.

„Го повикав да ја посети Србија во ноември и таа посета ќе ја искористиме за заедничка седница меѓу двете влади. Разговаравме и за поддршката од Македонија седиштето на транспортната заедница на Југоисточна Европа да биде во Србија и се надевам дека тоа ќе го завршиме во текот на следната седмица“, рече Брнабиќ.

Инаку, Косово, засега се воздржува од кандидатура за зачленување во УНЕСКО поради недовршена законска регулатива, како што соопштија властите во Приштина но и поради потребата од дополнително лобирање за поддршка.

Главниот проблем на релација Србија – Косово, во контекст на членството во УНЕСКО се однесува на статусот на православните цркви на косовско тло, нивниот имот и ингеренциите врз него. Првиот обид на Приштина во 2015 година не и успеа, не доби доволно гласови од членките на УНЕСКО.



Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top