СРПСКИ АНАЛИТИЧАРИ ЗА ПЛАТФОРМАТА: Нема никакви докази дека врз Албанците е вршен геноцид

Србија не гледа со воодушевување на најавата дека Македонија ќе ја обвини за геноцид над Албанците. Земјите од регионот забораваат дека ова веќе не е времето на Милошевиќ кога Србија можеше да се обвини за сѐ што се случуваше на Балканот..

Македонија сериозно може да ги наруши односите со Србија доколку се реализира барањето на партиите на Албанците, Собранието да донесе резолуција со која ќе се потврди дека врз албанското население во период од 1912 до 1956 година се вршел геноцид.

Нема никакви докази за такво нешто, вели Зоран Драгишиќ, професор и експерт по безбедност од Србија. Тој во разговор за Телеграф.мк објаснува дека се поминати времињата кога Србија можеше да се обвинува за сѐ и сешто.

- Србија не гледа со воодушевување на најавата дека Македонија ќе ја обвини за геноцид над Албанците. По признавањето на Косово ова би било уште едно разочарување од вашата земја. Со признавањето на Македонија ние сериозно ги нарушивме односите со Грција која, мора да признаеме, за Србија е позначајна земја. Сметам дека се глупости обвинувањето дека Србија вршела геноцид врз Албанците на територијата на Македонија и за тоа нема никаква историска поткрепа ниту, пак, докази. Доколку тоа навистина се случи, Србија ќе реагира соодветно. Земјите од регионот забораваат дека ова веќе не е времето на Милошевиќ кога Србија можеше да се обвини за сѐ што се случуваше на Балканот - вели Драгишиќ за Телеграф.мк.


Најавената резолуција ја крена на нозе српската јавност. Медиумите остро го нападнаа лидерот на СДСМ, Зоран Заев, дека ги прифатил барањата на Албанците само за да дојде на власт. Официјалните српски власти, пак, не ја исклучија можноста Србија да го преиспита признавањето на земјата под уставното име кое се случи во времето кога на чело на Србија беше Слободан Милошевиќ и дека е можно да ни се обраќаат со формулацијата под која сме примени во Обединетите нации, а тоа е Поранешна Југословенска Република Македонија.

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, на последното интервју за Хрватската радио-телевизија не ја исклучи можноста Србија да биде обвинета за геноцид врз Албанците, дури и нагласи дека тоа воопшто не е страшно.

„Има една формулација каде што се осудуваат војски од минатиот век кои убивале цивилно население. Нема ништо лошо во тоа. Некој алудира дека тоа биле српски војски, друг дека биле германски, дека биле италијански, бугарски војски, за време фашизмот, балканските војни. Но, осудата дека војски убивале цивили не е страшна“, рече Заев во интервјуто.

Познатиот воен и политички аналитичар Мирослав Лазански, пак, нагласува дека сето ова е директно насочено кон Србија.

- Со таквата формулација всушност се обвинуваат Србите и Србија бидејќи во најголемиот дел од тој период Македонија како држава не ни постоела - пишува Лазански во својата колумна во „Политика“.



Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top