Српските дипломати се враќаат во Скопје, македонскиот амбасадор кај Вучиќ

Персоналот на српската Амбасада денеска се враќа во Скопје, соопшти МНР, а претседателот на Србија Александар Вучиќ, како што пренесува Танјуг, во Белград ќе ја прими македонската амбасадорка Вера Јовановска Типко..

Средбата на Вучиќ со Типко треба да се одржи во 11 часот.

Според српското МНР, амбасадорката Душанка Дивјак Томиќ се враќа во Скопје на 31 август. Се очекува таа да побара прием кај македонскиот премиер Зоран Заев на 1 септември.

МНР на Република Србија информира и дека министрите за надворешни работи на двете земји, Ивица Дачиќ и Никола Димитров, утре ќе имаат средба во Ниш на која „по пат на дијалог ќе почнат со решавање на отворените прашања со цел унапредување на пријателските односи меѓу двете држави и двата народа“.

За повлекувањето на српскиот персонал од Амбасадата во Скопје, вчера телефонски разговараа Заев и Вучиќ. Договорија, како што стои во заедничкото соопштение, Македонија и Србија да работат на зачувување и унапредување на билатералните односи, а секое евентуално несогласување да се решава исклучиво со дијалог. 

Се согласија и дека без оглед на сите политички разлики за одредени важни политички регионални прашања, Македонија и Србија заеднички ќе се борат не само за зачувување, туку и за унапредување на пријателските односи меѓу македонскиот и српскиот народ и граѓаните на двете земји.



Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top