Стејт Департмент: Честитки за Пендаровски - исходот е волја на народот

Американскиот Стејт Департмент преку соопштение му ја честиташе победата на Стево Пендаровски на претседателските избори, во кое уште еднаш ја потенцира определбата за соработка со него, со Владата и со политичките партии во насока на скорешното членство в.

-САД му честитаат на новоизбраниот претседател Стево Пендаровски за неговата победа на претседателските избори во Северна Македонија. Ги поздравуваме граѓаните на Северна Македонија кои го остварија своето право на глас. Изборите беа мирни и конкурентни, а исходот беше волја на народот. Го поздравуваме прелиминарниот извештај на ОБСЕ за изборите. САД се силен партнер на Северна Македонија. Со нетрпение очекуваме да работиме со новоизбраниот Пендаровски, Владата и сите политички партии, кога Северна Македонија се подготвува да стане 30 членка на НАТО Алијансата и ја унапредува својата иднина во ЕУ, се вели во соопштението.

Пред отворањето на Генералното Собрание на ЕБОР во Сараево, премиерот Зоран Заев се сретна и со заменик помошникот државен секретар за Европа и Евроазија во Стејт Департментот, Метју Палмер.

Како што соопшти владината прес служба, Палмер истакнал дека успешно спроведените претседателски избори ја носат државата во вистинскиот правец и ги олеснуваат заложбите за добивање на датум за преговори со Европската Унија.

Палмер ја потенцирал важноста нашата земја да добие датум за преговори со ЕУ и во таа насока посочил дека е оптимист посебно заради фактот што Северна Македонија покажа дека е пример во регионот со потпишувањето и реализацијата на Преспанскиот договор и со реформските процеси.

-Демократските, фер и кристално чисти избори потврдија дека нашата земја станува зрела демократија, а граѓаните дадоа масовна поддршка на концептот едно општество за сите. Покажавме како земја дека имаме капацитет да ги решаваме тешките прашања, а сега сме фокусирани на иднината и економскиот прогрес на земјата. Со 12 ратификации на протоколот за нашето членство во НАТО веќе се чувствуваат позитивни ефекти и охрабрување за нови инвестиции. За нас е многу важно Европската унија да ни даде датум за преговори во јуни за да го оствариме европскиот сон на многу генерации наши граѓани, нагласил  Заев.


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top