Стејт департментот предупреди: Присуството на ИСИС се шири низ светот

Глобалното присуство на Исламска држава (ИСИС) во 2018 година и понатаму се ширело преку мрежи и подружници, објави американскиот Стејт департмент во својот годишен извештај за тероризмот, иако владата на претседателот Доналд Трамп прогласи победа..

Иран и понатаму е најголемиот државен спонзор на тероризмот, се тврди во извештајот. Техеран дава речиси милијарда долари годишно за поддршка на своите сојузници во регионот, и покрај тоа што Вашингтон значително ги засили санкциите против Иран.

Минатата година бил забележан и напредок на терористичките тактики и користената технологија, а нови закани создаде враќањето на милитантите на Исламска држава во земјите од кои дошле, предупредува Стејт департментот.

„Иако Исламска држава ја загуби речиси целата своја територија, групата покажа способност за адаптација, особено во поттикнувањето или насочувањето на поддржувачите преку интернет“, кажа Нејтан Сејлс, американски координатор за борбата против тероризмот чиј кабинет го подготвува годишниот извештај за Конгресот. Сејлс предупреди дека џихадистите отишле во трети држави.

Исламска држава својот калифат го прогласи во 2014, откако освои големи делови од Сирија и Ирак. Својата неофицијална престолнина ја постави во сирискиот град Рака, користејќи ја како база во која ги планираше нападите во Европа.

Групата во 2017 ја загуби контролата врз Рака и ирачки Мосул, а набрзо потоа го загуби поголемиот дел од своите територии. САД на крајот на минатиот месец објави дека е мртов лидерот на гурпата Абу Бакр ал Багдади, а групата го потврди тоа и го пргласи неговиот наследник – Абу Ибрахим ал Хашеми ал Курајши, за кој не се знае многу.

Светските лидери ја поздравија смртта на Багдади, но експертите за безбедност предупредуваат дека Исламска држава останува реална закана.

Американскиот претседател Доналд Трамп објави денес на Твитер дека „точно знае“ кој е новиот шеф на Исламска држава.

„ИСИС има нов шеф. Ние точно знаеме кој е тој“, напиша Трамп.


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top