Столтенберг: Нема план Б за влез на Македонија во НАТО

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, рече дека по референдумот, останува на институциите да одлучат за иднината на земјата..

Столтенберг од Белград рече дека членството на Македонија во НАТО зависи од спроведувањето на договорот за името и дека алтернативен пат, или како што рече План Б, нема.

„Кога станува збор за тоа што треба да направи ПЈРМ, ова е нешто што треба да одлучи Владата и Собранието во Скопје. Затоа им припаѓа на избраните демократски институции во земјата, да одлучат за патот напред и како да го следат референдумот и политичките импликации по референдумот. Она што можам да го кажам е дека ако одлучат да го применат договорот со Грција, тогаш сме подготвени да ја прифатиме земјата како 30 – та членка и тоа може да се направи брзо, затоа што веќе започнавме преговори за членство“, рече Столтенберг.

За разлика од другите европски и американски официјални претставници, генералниот секретар на НАТО е единствениот функционер кој се изјасни по референдумот од 30 – ти септември. За поранешниот амбасадор Ѓорѓи Филипов, меѓународниот молк по референдумот е сигнал дека Брисел и Вашингтон ги очекуваат следните чекори, гласање на уставните измени во Собранието. Според него доаѓа тежок период ако договорот за името не се спроведе.

Поранешниот амбасадор додаде дека гласањето за уставните измени во Собранието ќе биде најповолната опција за излегување од оваа ситуација. Според него, избори не се добро решение, бидејќи го носи ризикот од одложување на процесот, особено ако имаме во предвид дека имаме и претседателски избори.


Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top