Судбината на „мерцедесот“ на Груевски ќе се знае по изборите

Судбината на „мерцедесот“ за чиешто противзаконито влијание беше осуден експремиерот Никола Груевски, кој избега во Будимпешта, како и Гордана Јанкулоска и Ѓоко Поповски, ќе биде позната по завршување на изборниот процес, потврдија од Владата за „Макфакс“..

„По завршување на изборите ќе има решение. Додека се одвиваат претседателските избори, процесот е во мирување“, велат од Владата.

Службата за општи и заеднички работи го презеде екстралуксузното блиндирано возило од Министерството за внатрешни работи, по што беше огласен на лицитација, но постапката беше запрена поради судскиот процес на СЈО под кодно име „Тенк“. За овој судски предмет беа донесени правосилни судски одлуки, но „мерцедесот“ сè уште не е на продажба.

Бирото за судски вештачења го процени „мерцедесот“ од 580 илјади евра на 234 илјади евра, поради амортизацијата и поминатите километри. „Мерцедесот“ лани беше петтипат сервисиран за сума од 27 илјади евра и затворен во гаражата под МРТВ.

Државата досега за вкупно 5 сервисирања потроши приближно 120 илјади евра. Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, вети дека од продажбата на „мерцедесот“ ќе купи амбулантни возила.


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top