Судијата Бошевски: Јавното објавување на „бомбите“ не ја намалува нивната доказна вредност

По истакнатите барања на судењето за случајот „Траекторија" судијата Горан Бошевски пресече, 315 прислушувани разговори кои СЈО ги понуди како доказ против обвинетите Никола Груевски, Миле Јанакиески, Владимир Пешевски и Љупчо Георгиевски се прифаќаат.

Адвокатскиот тим на Груевски и Јанакиески побара прислушуваните разговори да се одбијат и да не бидат доказ во постапката. Меѓу останатите барања на одбраната беа и СМС пораките да не бидат докази, бидејќи тие според Груевски можеле да се менуваат, а се приговараше и на вештачењата.

Судот ги одби сите барања и приговори на одбраната која и на денешното рочиште со часови повторуваше дека треба да им се дадат записниците, дека снимките не треба да бидат доказ, дека вештачењата се направени од лица без лиценца, како и тоа дека судот треба да им даде копија од „бомбите".

СЈО на ова реагираше дека одбраната се повторува се со цел да може да не започне постапката за овој предмет. Судењето и денес не започна со воведни говори, а судијата Бошевски за датум за следно рочиште го даде 1 март.

Во случајот „Траекторија", покрај Груевски, обвинети се и поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски, поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески и поранешниот директор на Агенцијата за државни патишта, Љупчо Георгиевски.

Тие се осомничени дека во втората половина на 2012 година и во текот на 2013 година презеле повеќе дејствија со кои во постапката за избор на компанија за изградба на автопатите Миладиновци-Штип и Кичево-Охрид ги искористиле и пречекориле своите овластувања. Со тоа, според СЈО, му нанеле штета на државниот буџет од најмалку 155 милиони евра и за истиот износ на компанијата изведувач ѝ овозможиле да се стекне со имотна корист од 155.117.256 евра.



Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top