Судијата пресуди: Трамп мора да го пушти новинарот на Си-ен-ен назад во Белата куќа

Американскиот судија денес привремено му ја врати акредитацијата за Белата куќа на новинарот на Си-ен-ен Џим Акоста.

Окружниот судија Тимоти Кели ѝ нареди на Белата куќа да му ја врати новинарската акредитација на Акоста, додека не се донесе одлука по обвинението од Си-ен-ен.

Си-ен-ен поднесе тужба против Белата куќа, поради укинувањето на акредитацијата.

„Да се вратиме на работа“, им рече Акоста на новинарите по сослушувањето.

Си-ен-ен преку соопштение изјави дека „се надева на целосно решение во наредните денови“, и им се заблагодари на „сите кои го поддржаа, не само Си-ен-ен, туку и слободното, силното и независно американско новинарство“.

Судијата Кели во одлуката не се занимава со основаноста на жалбата за наводното кршење на првиот уставен амандман со кој се гарантира заштитата на слободата на говорот и новинарството, туку се фокусираше на тоа дали се гарантира фер третман за одземање на акредитацијата.

Белата куќа минатата недела му ја одзема акредитацијата на Акоста, за време на ескалацијата на нападите на Трамп врз медиумите, кои ги нарекува „непријатели на народот“.

На суд, адвокатите на американската влада изјавија дека според првиот амандман, не постои право на пристап до Белата куќа и дека Акоста е казнет поради непристојното однесување на конференцијата, а не поради критикувањето на Трамп.

Си-ен-ен пренесе дека судијата Кели рече дека се чини дека тврдењата на портпаролката на Белата куќа Сара Сандерс за непримерното допирање на практикантката од страна на Акоста која се обидела да му го земе микрофонот се „најверојатно неточни“ и „делумно се засноваат на докази со сомнителна точност“.


Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top