Судијката Петровска ќе ја бара свечената сала од Врховниот суд за во неа да му суди на Талески

Судењето за случајот „Транспортер“ е презакажано за 13 декември кога Основниот суд Скопје 1 ќе направи трет обид за старт на судскиот процес во кој СЈО го гони поранешниот градоначалник на Битола, Владимир Талески и уште 20 лица за злоупотреби со превоз.

Дебатата за утврдување на следен датум за рочиште беше долга и жестока, а на моменти предизвикуваше смеја и изненадување за начинот на кој обвинетите и нивните бранители наоѓаа оправдувања, а судијката Лидија Петровска се обидуваше да им излезе во пресрет на сите присутни вклучени во оваа постапка, а кои се во голем број.

Едни имале љубоморни сопруги, други закажале турнеи надвор во Австралија, трети имале други судења на кои требало да им се даде приоритет, па проблем беше и салата на Основниот суд Скопје 1 која била мала и бранителите немале услови за работа, а се водеше грижа и за тоа дека обвинетите патувале од далеку и требало време за да стасаатод  Битола до Скопје, па судењето да се закаже за подоцна ...  

На ваквото однесување во судница жестоко реагираше обвинителот на СЈО Љубомир Лапе кој на обвинетите им укажа дека треба да ја сфатат сериозноста на кривичната постапка и да ги тргнат на страна сите останати приватни обврски.

„Обвинетите ги знаат своите права и обврски и секое одолговлекување на постапката е на сопствен ризик. Укажуваме дека на дел од обвинетите им се одземени патните исправи. Обврската од присуство на рочиштето е посилна од секое удоволување на индивидуалните барања на сите обвинети лица“, рече обвинителот на СЈО, Љубомир Лапе. 

По ова судењето беше закажано за 13 декември, а СЈО од судот побара да закаже уште неколку дополнителни термини за судење, за да не се злоупотребува текот на постапката. Дебата продолжи со изговори дека во јануари се новогодичните празници. Судијката Петровска определи уште четири датуму за во јануари, следната година.

И минатото рочиште беше одложено поради отсуство на друга обвинета во постапката, а овој пат во судница недостасуваше Анита Ангелевска која имала здравствени проблеми.

Судијката Петровска укажа на тоа дека ако продолжи праксата на отсуство на обвинети лица, а со оглед дека има 21 обвинет во оваа постапка, ќе мора за оние кои отсуствуваат да се раздвои постапката. СЈО смета дека ваквиот потег ќе го искомплицира случајот и додаде дека за да не прават трошоци, обвинетите кои ќе отсуствуваат во иднина , да известат н авреме.

Обвинетиот Талески беше присутен на рочиштето. Тој на минатото одложено рочиште во изјава за медиумите рече дека немало криминал во неговото работење.  

Специјалното јавно обвинителство случајот „Транспортер" го отвори на 14 април минатата година, и во него, покрај Талески, за злоупотребите со превозот на ученици во Битола, се обвинети уште 20 лица.



Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top