Судир помеѓу власта и опозицијата во Грција за протестот во Атина

Партијата на грчкиот премиер Алексис Ципрас, СИРИЗА, го оцени како неуспех на опозицијата вчерашниот протест во Атина против употреба на називот „Македонија“ во рамките на решавањето на разликите околу името..

Шефот на грчката дипломатија, Никос Коѕијас пак, на Твитер напиша дека ниту масовниот протест нема да ги попречи разговорите за решавање на прашањето. Но, лидерот на коалициската владина партија „Независни Грци“ Панос Каменос, го поддржа протестот, додавајќи дека тој бил душата на Грците. Лидерот на најголемата опозициска партија, Нова Демократија, Киријакос Мицотакис, нагласи дека вчерашниот протест бил независен, без политичка боја.

„Изразувањето на националната гордост од стотици илјади граѓани кои се собраа на плоштадот Синтагма од секој дел од земјата, нема политичка обоеност. Никој нема право политички да профитира од ваков голем собир. Граѓаните ја изразуваат нивната агонија. Недостигот на доверба кон новата влада и наместо таа да соработува со опозицијата со цел заедно да се формира национална линија, таа направи сè што е можно за да ги подели политичките партии и грчкиот народ врз клучното национално прашање.“ – изјави Киријакос Мицотакис- лидер на „Нова Демократија“

Градоначалникот на Солун, Јанис Бутарис, искоментира дека протестот не треба да влијае врз преговорите и додаде дека за него би било прифатливо име „Нова Македонија“.

„Грција треба да покаже сериозност и да им помогне на овие луѓе да добијат идентитет и да одат напред. Јас не би сакал да кажам „Македонија Скопје“, но немам никаков проблем со називот „Нова Македонија“. Грците под планината Олимп и на Крит не се свесни за проблемот. Тие не знаат дека Македонија географски не е само грчка и отиа во одредени села во Костур и Лерин има луѓе кои сè уште зборуваат српско- македонски.“ – вели Јанис Бутарис- градоначалник на Солун

Од друга страна, поранешниот министер за надворешни работи на Шведска, Карл Билд, инаку добар познавач на случувањата на Балканот, изјави дека ЕУ треба да помогне во постигнување на решение за името.

„Мислам дека има потреба за посветеност од држави и важни институции на ЕУ за да се постигне компромис за името на Македонија. Без нешто такво стратегијата на ЕУ за Балканот може да пропадне.“ – смета Карл Билд- поранешен министер за надворешни работи на Шведска

Инаку, грчките власти соопштија дека на вчерашниот протест учествувале 140 илјади граѓани, но организаторите тврдат дека имало од еден и еден и пол милиони демонстранти.



Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top