Судот привремено забрани да се продава имотот на „Скопски пазар“

Времената мерка судот ја донел по барање на Основното јавно обвинителство и тоа со цел да се заштити имотот додека трае постапка во која се осомничени членови на Управниот одбор и на Надзорниот одбор и голем акционер во „Скопски пазар“..

Основниот суд Скопје 1 донесе времена мерка со која забрани продажба (отуѓување) и оптоварување со залози на движен и недвижен имот на „Скопски пазар“, дознава „Фактор“ од судски извори. Ова решение било донесено при крајот на февруари односно пред еден месец и тоа по предлог на Основното јавно обвинителство од Скопје кое води постапка во која се осомничени членови на Управниот одбор и на Надзорниот одбор како и еден голем акционер во „Скопски пазар“.

Решението со кое се забранува отуѓување или оптоварување на своите недвижности и стварни права е заради обезбедување на имотно-правно барање на оштетени кои се акционери во „Скопски пазар“. Судот во решението што е доставено до Агенцијата за катастар на недвижности ставил забрана врз продажба или оптоварување на недвижни имоти на „Скопски пазар“ во: Битола, Кавадарци, Калуѓерица, Охрид, Ресен, во скопските катастарски општини Бутел, Кисела Вода, Маџари, Трубарево, Карпош, Кисела вода 2, Чаир, Драчево, Ѓорче Петров 3, 4 и 6, Центар 1 и 2, Синѓелиќ 1 и Гази Баба.

Освен ова Судот му наложил и на Централниот депозитар за хартии од вредност привремено да замрзне продажба на сопствените акции на „Скопски пазар“, како и на акции што оваа фирма го поседува во: „Комерцијална банка“, „Гранит“, „Македонски телеком“ и во „Стопанска банка Битола“. Воедно забраната се однесува и на приоритетни акции што во сопствен закуп ги има „Скопски пазар“. Привремената мерка забрана, како што дознаваме, е донесена врз основа на член 120 став 1 од Законот за кривична постапка.

Дознаваме дека подносител на пријавата против членови на Управниот одбор и на Надзорниот одбор и акционер во „Скопски пазар“ е компанијата „Современ дом“ која е најголем поединечен акционер во „Скопски пазар“ и поседува 24,8 отсто од акциите, но нема претставник ниту во Надзорниот одбор ниту во Управниот одбор на компанијата. Втор по големина акционер е Тодорка Давитковска, мајка на Сашо Давитковски, која има 11,36 отсто од акциите во „Скопски пазар“. Во сопствен откуп и без право на глас се 11,69 отсто од акциите со право на глас.



Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top