Светскиот ден на мирот во сенка на заканите од војна

На Меѓународниот ден на мирот, светот е повторно на работ на војна..

Од тензиите со Северна Кореја поради нејзините нуклеарни амбиции, преку можноста САД под водство на Доналд Трамп да се повлечат од договорот со Иран и повторно да го отворат ова нуклеарно прашање, до постојаните тензии меѓу Западот и Русија, судирите со Кина и предупредувањата за нови конфликти, како и секогаш експлозивниот Блиски Исток, светот опасно е доведен на работ на нови војни и на целосно уништување. Но наместо да ја понесат одговорноста и да ги намалат тензиите, глобалните лидери како едвај да чекаат да ја запалат првата искра.

Меѓународниот ден на мирот е востановен во 1981 година од Генералното собрание на Обединетите нации, а две децении подоцна, Генералното собрание едногласно гласаше да го прогласи 21 септември за ден на ненасилство и прекин на огнот. Денес ќе полетаат белите гулаби, но нема да исчезнат заканите од тотално уништување на светот. 

Одговорност на светските лидери е да ги намалат тензиите и по секоја цена да избегнуваат судири што можат да прераснат во нова глобална војна. Но пораките што се слушаат од нив се далеку од пораки за помирување и соработка. Наместо тоа, можат да се чујат закани и тоа среде организацијата што со сите свои недостатоци претставува симбол на меѓународната соработка - Обединетите нации (ОН). Американскиот претседател Доналд Трамп завчера го искористи својот прв говор во ОН да се закани дека може целосно да ја уништи Северна Кореја. За нуклеарниот договор со Иран, Трамп рече дека бил најголем срам за САД. Шефот на Белата куќа во обраќањето во ОН рече дека американските интереси секогаш ќе бидат на прво место и им препорача и на другите земји прво да го следат сопствениот интерес. Прозваните земји, како Иран, Северна Кореја или Венецуела, обраќањето на Трамп во ОН го оценија како говор на омраза.

Трамп заканите против Северна Кореја од Твитер ги префрли во ОН. 
Ракетните тестови и најголемиот нуклеарен тест досега на Северна Кореја предизвикаа остри реакции од соседите, сојузниците и од т.н. меѓународна заедница, но и предлози како треба да се одговори на нуклеарната закана од Пјонгјанг - од дијалог до построги санкции, па сѐ до воена интервенција и ликвидација на Ким Јонг-ун. И додека Трамп упатува закани, ги вооружува регионалните сојузници во Пацификот и спроведува вежби со Јужнокорејците, Кина и Русија, ги повикуваат Американците да ги замрзнат заедничките вежби со Јужна Кореја, а Северна Кореја за возврат да ја замрзне својата нуклеарна програма. 

Според рускиот претседател Владимир Путин, санкциите нема да го натераат Ким да запре со нуклеарната програма. Како што вели Путин, тие ќе го сторат тоа само ако се чувствуваат безбедно. За него, ескалацијата на тензиите со Северна Кореја може да предизвика планетарна катастрофа. Кинезите, кои се најголем трговски партнер на Северна Кореја, исто така повикуваат на дијалог и сметаат дека санкциите и заканите само ќе ја влошат состојбата на Корејскиот Полуостров.

Американците од почетокот на 1990-тите на различни начини се обидуваа да ја замрзнат севернокорејската нуклеарна програма, преку директни преговори со Пјонгјанг, шестрани преговори, заедно со Кина, Јапонија, Јужна Кореја, САД и Русија, до обиди за изолирање, што ги спроведуваше претходната администрација на Барак Обама. 

Трамп по доаѓањето во Белата куќа рече дека САД го загубиле трпението со Северна Кореја, па на секоја ракетна проба од Пјонгјанг одговараа со уште повоинствени закани. Но, како што предупредуваат повеќето безбедносни експерти, со вакви позиции само се ограничуваат шансите за некакво дипломатско решение. Со заканите од Трамп и неговата администрација, само се зајакнуваат изговорите на Ким дека мора да развива нуклеарно оружје за да се одбрани од евентуален напад од САД. Ким, како што велат аналитичарите, едноставно не сака да заврши како Моамер Гадафи во Либија, кој се откажа од својата нуклеарна програма, а подоцна беше ликвидиран, или како Садам Хусеин во Ирак, каде што тврдењата дека поседува оружја за масовно уништување беа искористени како изговор за американската инвазија на земјата, а Садам на крајот заврши на бесилка. 

Потрезвените експерти предупредуваат дека ризиците на Корејскиот Полуостров денес се поголеми од времето кога Американците од 1950 до 1953 година првпат „тотално ја уништија“ Северна Кореја, како што вели Трамп. Според „Тајм“, САД тогаш фрлија 635.000 тони бомби, повеќе отколку што фрлија на целиот пацифички фронт за време на Втората светска војна, а американските генерали се фалеа дека бомбардирале сѐ што мрда и дека го запалиле секој град во Северна Кореја (Советите подоцна проценија дека биле уништени 85 отсто од објектите во земјата). 

Последниот голем конфликт на Корејскиот Полуостров заврши со милиони жртви, ранети и раселени. Северна и Јужна Кореја до денес технички сѐ уште се во војна. И сето тоа без нуклеарно оружје. Но денес опасностите се многу поголеми и штетите можат да бидат несогледливи. Наместо да се денуклеаризира регионот, може да има обратна ситуација, па нуклеарки освен Северна Кореја, да развијат и Јужна Кореја и Јапонија, нешто на што Трамп повикуваше како претседателски кандидат.

Наместо на заканите на Ким да реагира со за целосно уништување, Трамп треба да најде начин и да седне да преговара со Севернокореецот, како што му посочуваат од разни страни, од бившиот НБА-кошаркар Денис Родман до германската канцеларка Ангела Меркел. Проблемот е што Северна Кореја сака да седне на преговарачка маса како рамноправен член на нуклеарното семејство, колку и тоа да не им се допаѓа на другите нуклеарни сили. За да се не се случи тоа, некој ќе треба да плати, а прашањето е кој ќе го понесе товарот, Америка, Кина, Јужна Кореја или некој друг. На Трамп останува, како што вели самиот во својата книга, да ја искористи умешноста како бизнисмен и да го склучи договорот, односно да ги почне преговорите и да ги намали шансите за катастрофална војна.

Конечно, за зголемувањето на нуклеарните ризици во светот вина имаат сите нуклеарни сили, кои со години наместо да го намалуваат, го зголемуваат и го модернизираат нуклеарниот арсенал, па сега во светот има над 15.000 нуклеарни боеви глави. Како што посочува лондонски „Гардијан“, бивши и сегашни лидери на САД, Русија, Кина, Франција и на Британија, чии влади го потпишаа, но не го почитуваа Договорот за неширење на нуклеарното оружје од 1970 година, до одредена мера сами ја предизвикаа кризата со Северна Кореја, а провокативните потези на Ким се резултат на нивните дејства.

Освен што го зголемија арсеналот и со тоа и опасноста за целосно уништување, самите нуклеарни сили ги зголемија тензиите меѓу себе. Така, без да се спомнат Северна Кореја или Иран, секоја нова тензија меѓу Западот и Русија или меѓу Западот и Кина завршува со крајната закана од нуклеарна војна. Односите меѓу Западот и Русија се на ниско ниво уште од избивањето на украинската криза и припојувањето на Крим кон Русија, по што западните земји воведоа санкции против Москва. Двете страни постојано одржуваат воени вежби и ја демонстрираат воената моќ (последна тоа го стори Русија со воените вежби „Запад-2017“ што завршија неделава). Од друга страна, НАТО по барање од источните членки распореди борбени единици близу границата со Русија, што исто така ги зголемува тензиите, но и шансите за голем конфликт.

Заканите за нуклеарни напади и неуспехот на иницијативите за контрола на оружјето ги зголемува опасностите од целосно уништување. Во тој контекст, заканите за интервенција во Северна Кореја, како една од опциите за „справување со Ким“, се уште поопасни. Освен што би била спротивна на меѓународното право, таа ќе предизвика огромни регионални, па и светски штети, но и ќе означи почеток на нова неконтролирана трка за нуклеарно вооружување. Како што посочуваат и невладините организации што се занимаваат со прашањата за нуклеарната безбедност, на светот денес му е потребно нуклеарно разоружување преку мултилатерална дипломатија отколку во кој било период по завршувањето на Студената војна, кога и беа најголеми заканите од нуклеарна војна. 

Затоа, на Меѓународниот ден на мирот, повторно се повикува на дијалог во време кога предизвиците и заканите од војни се многу поголеми. Обединетите нации можеби имаат недостатоци, но имаат и доволен потенцијал за спречување конфликти. Но, како што во својата анализа за „Нова Македонија“ посочува рускиот амбасадор Олег Шчербак, за ефикасна употреба на сите меѓународни инструменти потребно е реално следење на принципот на еднаквоста на државите и непоколебливоста на меѓународното право.

- Идеите за доминација на едните држави над другите, како и обидите за градење безбедност на едните држави на сметка на другите, треба да се остават во минатото, треба да се запре политиката на делење на светот на воени блокови и на наметнување на својата волја и на своите вредности на целиот свет, треба да се откаже од „двојните стандарди“ - вели Шчербак, посочувајќи дека светот во 21 век е мултиполарен свет и дека „само обединување на рамноправни слободни држави ќе може да го одржи мирот и да ја спаси планетата од падот во бездната на војната“.


Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top