СЗО го прогласи корона вирусот за светска здравствена закана

СЗО го прогласи корона вирусот за светска здравствена закана поради брзото ширење на вирусот и во други земји, не само во Кина..

Организацијата ги повика сите земји да ги спроведат одлуките засновани врз докази и да ги применуваат препорачаните мерки. Во исто време, СЗО изрази загриженост за земјите со послаби здравствени системи и најави дека ќе даде поддршка за овие земји да се подготват да се справат со вирусот. Опасноста од коронавирусот, всушност е потенцијалното ширење на бројот на инфицирани луѓе во државите со послаби здравствени системи.

СЗО е подготвена да даде поддршка и совети за секоја земја која размислува кои мерки да ги преземе, беше кажано на прес конференцијата во Женева.

“Главната причина за оваа одлука, не е тоа што се случува во Кина, туку тоа што гледаме дека се случува во другите држави”, изјави генералниот директор на СЗО, Тедрос Адханом, на прес конференцијата во Женева.

СЗО соопшти дека досега се регистрирани 98 случаи на луѓе заразени од корона вирусот надвор од Кина, но досега нема починати во други земји. Во Кина досега починаа 170 луѓе. Вкупно, досега има 7834 потврдени случаи, од кои 7736 во Кина, што претставува скоро 99% од сите пријавени случаи низ целиот свет.

Засега се потврдени  8 случаи на пренесување на вирусот од човек на човек и тоа во Германија, Јапонија, Виетнам и САД.

Адханом, потенцира дека Кина поставува нов стандард за брза реакција во време на епидемија и изрази благодарност до илјадници храбри здравствени работници и сите одговорни кои се на првата линија на фронтот, работат 24/7 на лекување на болните, спасуваат животи и ја ставаат ситуацијата под контрола.

„Благодарение на нивните напори, досега бројот на заразени случаи во остатокот од светот е релативно мал. Досега не сме виделе смртни случаи надвор од Кина, за што сите мора да бидеме благодарни. Иако овие бројки се сè уште релативно мали во споредба со бројот на случаи во Кина, сите ние сега мора да дејствуваме заедно за да го ограничиме понатамошното ширење“, рече генералниот директор на СЗО, Тедрос Адханом, на прес конференцијата во Женева.


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top