СЗО со нови препораки поради ширењето на коронавирусот преку воздух

Светската здравствена организација (СЗО) денеска објави нови упатства за коронавирус кои ги признаваат извештаите за пренесување на корона вирусот преку аеросоли, иако досега одбиваа да дадат конечна потврда дека вирусот се пренесува преку воздух..

Во најновите упатства за пренесување на вирусот, СЗО ги признава новите откритија дека во преполните простори постои можност за пренесување на вируси преку аеросоли, на пример за време на пеење во хор, во ресторани или во спортски сали.

СЗО одговори на отвореното писмо од 239 светски научници во кое ја повикаа СЗО и меѓународната медицинска заедница „да го признаат постоењето на можност вирусот да се пренесува преку воздух.“ Но, СЗО додава дека „итно е потребно понатамошно истражување“.

СЗО соопшти дека новиот коронавирус кој ја предизвикува болеста ковид-19 се шири со директен или индиректен контакт со загадени површини или со близок контакт со заразени лица кои го шират вирусот преку плунка, респираторни секрети или капки кога заразено лице кашла, кива, зборува или пее.

„Тоа е чекор во вистинската насока, макар и мал“, бидејќи станува јасно дека пандемијата се шири силно и „најдобро објаснување за овие настани е аеросолна трансмисија“, изјави Хозе Хименез, хемичар од Универзитетот во Колорадо, еден од потписниците на писмото.

Не е јасно колку често коронавирусот се шири низ воздухот, за разлика од најчестиот начин со кашлање и кивање.

Д-р Ентони Фаучи, директор на американскиот Национален институт за алергија и заразни болести, изјави денеска дека сè уште нема многу цврсти докази за пренесување на вирусот САРС-КоВ2 преку воздух, но истакна: „Мислам дека е разумно да се претпостави дека тоа се случува“.

Се верува дека многу мал број болести се шират преку аеросолни, фини лебдечки честички. Меѓу нив се малите сипаници и туберкулозата и потребна е голема претпазливост за да се спречи изложеност на овие две многу заразни болести.

СЗО во своите упатства признава дека преносот може да се случи за време на специфични медицински процедури, како на пример кога се извршува интубација. Затоа тој ги советува медицинските лица да носат респираторни маски N95 и друга заштитна опрема при вршење на таква постапка што мора да се изврши во соодветно проветрена просторија.

Секоја промена во проценката на Светската здравствена организација за ризик од пренесување на болеста може да влијае на неговиот сегашен совет за одржување физичко растојание од еден метар.

Владите кои се водени од упатствата на СЗО во нивните упатства до населението, исто така, би можеле да ги прилагодат мерките за борба против пандемијата.


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top