Тачи му пишал на Трамп и му ветил дека „ќе ја заврши работата“

Косовскиот претседател Хашим Тачи во писмо до американскиот претседател Доналд Трамп изразил спремност за компромисен договор во дијалогот со Белград, поканувајќи го да го посети Косово..

Како што пренесуваат приштинските медиуми, во писмото кое му го испратил на Трамп претходно месецов, Тачи ветил дека „ќе ја заврши работата“ и ќе ги повика граѓаните, како што тоа го побарал шефот на САД, „да зборуваат со еден глас“ за време на дијалогот и да се воздржат од акции кои би ја искомплицирале актуелната ситуација.

Коха диторе пишува дека Тачи го уверил Трамп дека е „спремен да ги направи потребни компромиси со цел постигнување сеопфатен и правно обврзувачки договор“, кој, како што се наведува, би ги вклучувал сите отворени прашања и би го завршил судирот со Белград кој трае подолго од еден век.

Повикувајќи се на разговорот што го имале во Париз, за време на одбележувањето на стогодишнината од крајот на Првата светска војна, Тачи навел дека се согласува со Трамо дека е блиску решението на сите отворени прашања меѓу Белград и Приштина.

„Постигнатиот договор нема да биде привремен мир ли замрзнат конфликт. Ние се обидуваме да излеземе од овој круг и да постигнеме конечен договор за заемно признавање, откажување од конфликти и членство во ОН“, навел Тачи.

Оценил дека станува збор за историско достигнување кое бара максимална ангажираност „од двете страни“.

Тачи изразил и одушевување од можноста да соработува со Трамп и, како што напишал, многуте заеднички пријатели во Соединетите Држави околу оваа дипломатска иницијатива.

„И, како што великодушно предложивте, нема подобар начин за да го прославиме нашиот успех од тој да ви се придружиме во Белата куќа каде мирот и историјата се создаваат заедно“, навел Тачи, кој го поканил Трамп да го посети Косово.


Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top