Тачи повторно спомена корекција на границата со Србија

Косовскиот претседател Хашим Тачи се надева дека до крајот на овој месец или почетокот на септември ќе има силна динамика на дијалогот во Брисел и дека мора да се демаркира границата со Србија..

“Имаме околу 400 километри граница меѓу Косово и Србија што треба да ја поставиме. Со тоа ја затвораме државотворноста или консолидацијата на нашата држава. Поради тоа ќе се дискутира за демаркацијата и ќе се разговара за корекција на границите“, рече Тачи.

Тачи рече барањето на Албанците од Прешевската долина за обединување со Косово е институционализирано и дека ако има договор или обострана согласност, никој не ќе може и нема да се спротивстави на таа изразена волја.

“Потенцирам уште еднаш, дека никако, по ниедна цена од никого не може да се наметне остварувањето на српската аспирација за поделба на Косово, додека во рамките на корекцијата сметам дека е многу изводливо, тоа е прифатливо за нас , институционализираното барање на лидерите на Прешевската долина за приклучување кон Косово, ако има договор или заедничка согласност, никој не може и нема да се спротивстави на договор на добра волја на страните вклучени во дијалогот, во овој случај на Косово и Србија, имено ниту Европската унија, ниту НАТО, или Соединетите Американски Држави”, истакна Тачи.

Шефот на парламентарната група на ДСК, Авдула Хоти, рече дека игрите како „размена на територии и “гранична корекција” ќе го чинат Косово. Лидерот на Социјалдемократската партија, Шпенд Ахмети, смета дека Собранието не треба да замине на одмор без да ја усвои резолуцијата за дијалогот, во време кога се зборува за територијални размени со Србија.

И косовскиот премиер Рамуш Харадинај, вчера, ги отфрли гласините за можната поделба на Косово.А српскиот премиер Брнабиќ коментирајќи го текот на разговорите помеѓу Србија и Косово, рече дека сегашната американска администрација е поотворена да го слуша ставот на Србија за косовското прашање.


Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top