Талат Џафери го враќа парламентарниот дух

Отстранување на пратеници со обезбедување, закажување седници и до 3 часот наутро, исклучување на микрофони, а во еден момент претседателот на Собранието дури реши да им нацрта на пратениците за да ги научи на тишина и дисциплина..

„Ќе ви нацртам кој треба да молчи“, им речеТалат Џафери, Претседател на Собрание на Р.М.  на пратениците.

Два месеци откако Џафери застана на чело на Законодавниот дом реши на поинаков начин да ги натера пратениците на  почитување на правилата, процедурите и деловникот за работа. 

Но како изгледаат собраниските седници гледани од страна, во очите на оние кои ги избрале? За дел од граѓаните кои ги анкетиравме - наместо констртуктивни дебати, собраниските сали почесто, велат, им делуваат како места на препукувања помеѓу пратениците. Ги прашавме што мислат за начинот на кој спикерот ги води седниците? 

Иако одговорите на граѓаните беа поделени, во едно сите се согласни – помалку надмудрувања и лични препукувања во собраниските сали, а повеќе решенија за проблемите на народот. 

„Мислам дека човекот си ја работи работата во ред и мислам дека е добар“

„Па мислам дека така треба не е само да земаат плата, треба и да работат“

„И три дена да седат во Собрание, за народот никој ништо не прави колку што гледам“

„Јас мислам ќе се опраи работата“

„Тие убаво си живеат, нас никој не не прашува како ние живееме“

„Имавме можност и прилика да гледаме се и сешто, дали е однесувањето примерно или не тоа за нив се кажува“

Од друга страна Џафери за ВМРО - ДПМНЕ е се уште нелигитимен претседател.

„Човекот е избран на сила со кршење на Уставот, на Законот, на Деловникот“, изјави  Никола Груевски – ВМРО ДПМНЕ.

Од таму не сакаа да ја коментираат неговата работа досега, за дел од пратениците од СДСМ  - Џафери досега постапувал коректно и работел согласно Деловникот.

„Се чувствува една промена овде, една креативност, секој човек става свој личен печат во работата. Се додека некој одлучува во рамките на законот, за мене е прифатливо“, вели Томислав Тунтев – СДСМ.

Талат Џафери иако почна со контроверзи кога го постави и албанското знаме на своето работно биро, сепак со начиниот на водење на седниците внесе нов парламентарен дух, толку потребен во македоснкото политичко секојдневие.

„Седете море, седете еј“, беше една од репликите на Џафери.



Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top