Талат Џафери остана неизбран поради караници во ДУИ, „висат“ и некои министри

Сè уште не е познато кога ќе продолжи собраниската седница за именувањето за нов претседател на законодавниот дом, односно повторно Талат Џафери..

И покрај вчерашните најави од лидерот на ДУИ, Али Ахмети дека седницата ќе продолжи денес, тоа не се случи.

„Утре ќе го избереме претседателот на Парламентот, нашиот пријател, Талат Џафери“, изјави вчера Али Ахмети.

Извори од Собранието велат дека консултациите се во тек и оти не се знае каква одлука ќе се донесе. 

Во меѓувреме, извори од СДСМ велат дека конститутивната седница на која ќе се избере спикерот, ќе се одржи утре напладне. 

Неофицијално, оваа нејасна состојба е резултат на жестоката дебата на синоќешниот состанок на Генералниот совет на ДУИ, на кој одредени ограноци беа незадоволни од поделбата на владиниот колач. 

Имено, огранокот на ДУИ од Чаир и потпретседателот на партијата Изет Меџити се спротивставија на назначувањето на Талат Џафери за спикер и на генералниот секретар, Артан Груби, за прв вицепремиер и министер за политички систем. 

И огранокот во Сарај е незадоволен. 

Извори оттаму не го негираат незадоволството, но не даваат детали со образложение дека станува збор за внатрешни прашања на партијата. 

Ограноците во Струга и Липково бараат министерски места. Како резултат на ова, Генералниот совет на ДУИ синоќа остана без одлука за тоа кој ќе раководи со Министерството за информатичко општество и администрација.


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top