Тарифите на Трамп ги земаат првите жртви: „Епл“ потклекнува во приходите, берзата казнува

„Епл“ во средата ги намали кварталните проценки за продажба, првпат по повеќе од 15 години, обвинувајќи го за тоа неочекуваното длабоко економско забавување во Кина и трговската војна на претседателот Трамп..

Во соопштението се посочени не само значајни деловни предизвици за „Епл“, која минатата година накратко стана највредната компанија во историјата на САД, но и подлабока загриженост за тоа како трговската војна може да придонесе за глобално економско забавување предводено од Кина.

Главниот извршен директор на „Епл“, Тим Кук, во писмо до инвеститорите изјави дека „Епл“ не ја предвидел големината на економското влошување“ во Големата Кина, област која ги вклучува Кина, Хонгконг и Тајван. Заедно со забавениот раст таму во втората половина од минатата година, Кук рече дека економскиот амбиент во Кина е дополнително погоден од зголемените трговски тензии со САД.

Изјавата веројатно ќе ја зголеми понатамошната нестабилност на берзата во САД, каде што американските технолошки акции предизвикаа голема корекција во последниве месеци. Веста во средата ги испрати акциите на „Епл“ - како и поширокиот пазар - надолу по неколкучасовното тргување.

Таа, исто така, доаѓа во време кога администрацијата на Трамп и Кинезите се обидуваат - без успех - да го решат конфликтот во трговијата, кој веќе го стави половина од целиот кинески извоз во САД под тарифи.

„Епл“ е можеби најистакнатата американска компанија која смета дека трговската војна го влече бизнисот надолу.

Но голем број други прашања, исто така, би можеле да бидат во игра што покренуваат прашања за долгорочните предизвици со кои се соочува „ајфон“, најпознатиот производ на „Епл“. Голема Кина сочинува една петтина од вкупната продажба на „Епл“ со 265 милијарди долари во глобалната продажба во последната фискална година. Тоа ја прави Голема Кина трет по големина пазар за „Епл“, иако Кук во еден момент во 2013 година рече дека очекува „да стане наш прв“.

„’Епл е во голема неволја“, вели Шон Рејн, извршен директор на групата за истражување на кинескиот пазар во Шангај. Заедно со тоа што е најнаселена земја во светот, Кина, исто така, служи како клучен центар во синџирот на снабдување на технолошкиот гигант - место каде што се склопуваат „ајфоните“.

Многу знаци упатуваат на забавување на кинеската економија. Меѓународниот монетарен фонд предвидува дека кинеската економија ќе порасне на 6,2 отсто оваа година, што е намалување од 6,9 отсто во 2017 година, но некои аналитичари велат дека падот ќе биде уште подраматичен.

Предупредувањето на „Епл“ сугерира еден начин на кој забавувањето би можело да стигне до САД. Кина е втора по големина економија во светот и е трет по големина купувач на извозните стоки на САД по Мексико и Канада, што значи дека она што се случува може брзо да влијае на растот и вработувањето во САД.

Голем број други истакнати компании, меѓу кои и „Форд“, „Волмарт“, „Ханивел“, ја наведоа трговската војна како удир на нивните бизниси. Но додека повеќето од овие компании се погодени бидејќи мора да платат повеќе за увоз на производи, ситуацијата на „Епл“ е посложена.

Кук лично лобираше со месеци Трамп да ја поштеди неговата компанија од тарифите за таргетирање производи увезени од Кина и изрази оптимизам дека влијанијата на трговската војна ќе се покажат привремени.

Но „Епл“ ги чувствува ефектите сега бидејќи трговската војна ја забави кинеската економија толку многу што кинеските потрошувачи купуваат помалку паметни телефони.

„Трамп навистина мисли дека тарифите се добра работа, а тоа е страшно за економијата“, вели Фил Леви, кој работеше како економист во администрацијата на Џорџ В. Буш. „Компаниите мислеа дека тарифите ќе бидат привремени. Сега, кога тие се погодени сфаќаат дека тоа не се случува и мора да реагираат“.

Трамп претходно се закани дека ќе стави големи тарифи на сите кинески производи што доаѓаат во земјата - вклучувајќи ги и „ајфоните“ - ако Пекинг не направи договор до почетокот на март.

Акциите на „Епл“ паднаа повеќе од седум отсто во неколкучасовното тргување по објавата. „Епл“ повеќе не е најдобрата компанија во САД. Таа сега е зад „Мајкософт“ и „Амазон“. Некои аналитичари велат дека „Епл“ е погоден во Кина бидејќи потрошувачите претпочитаат да купат телефони „Хуавеи“, врвен кинески бренд.

Компанијата ги намали своите предвидувања за приходи до 84 милијарди долари, во споредба со претходната проценка на приходите од помеѓу 89 и 93 милијарди долари. Веста го прекина тргувањето на акциите на „Епл“ доцна во средата.

Ревизијата на „Епл“ на проценките за своите приходи е веројатно најзначајната направена досега. „Епл“ последен пат направил такво приспособување во 2002 година во раните денови на „ајпод“, музичкиот плеер.

Заедно со проблемите во Кина и недостигнувањето на предвидените приходи на „Епл“, исто така, ја отсликува промената на начинот на кој потрошувачите купуваат уреди на компанијата ширум светот. Потрошувачите не се обидуваат да ги купат поновите и побрзи „ајфони“ на „Епл“ веднаш штом ќе се појават на пазарот.


Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top