Тедрос вети: СЗО ќе продолжи да ја предводи борбата против пандемијата

Генералниот директор на Светската здравствена организација (СЗО) Тедрос Аданом Гебрејесус изјави дека СЗО ќе продолжи да ја предводи глобалната борба против новиот коронавирус која „се заканува да ја раскине структурата на меѓународната соработка“..

Тедрос Аданом Гебрејесус ги бранеше активностите на СЗО за време на кризата предизвикана од пандемијата на коронавирусот, откако претседателот Доналд Трамп се закани дека нема да го финансира СЗО и дека ќе ги повлече САД од организацијата.

Гебрејесус ја поздрави резолуцијата на Европската унија, усвоена од 194 земји членки на Светската здравствена организација. Резолуцијата бара независна проценка на меѓународниот одговор, „вклучително, но не ограничувајќи се на ефикасноста на СЗО“.

„Ние сакаме одговорност повеќе од кој било друг“, рече Тедрос на виртуелното годишно собрание на СЗО на кое присуствуваа претставници на 194 членки на СЗО.

„Ќе продолжиме да обезбедуваме стратешко лидерство за да го координираме глобалниот одговор“, рече тој.

Вашингтон ја поддржа резолуцијата во која се повикува на ревизија на глобалниот одговор на пандемијата предводена од СЗО, што беше и американско барање.

Резолуцијата беше усвоена со консензус, но Соединетите Држави изнесоа приговор поради терминот што ги опишува репродуктивните здравствени права во резолуцијата и поради дозволата на сиромашните земји да не ги почитуваат правилата за патенти.

Текстот е усвоен со консензус и предвидува што побрзо започнување на непристрасна, независна и целосна проценка на меѓународната акција иницирана заради пандемијата, со цел подобрување на светските капацитети за превенција, подготовка и одговор на пандемијата.

Со оваа проценка, чии контури остануваат нејасни, треба внимателно да се испитаат мерките преземени од СЗО поради пандемијата на ковид-19 и нивната хронологија.

Претставници на СЗО кои го модерираа состанокот аплаудираа и славеа по усвојувањето на резолуцијата.

Неколку часа пред тоа, американскиот претседател Доналд Трамп се закани дека ќе ги повлече САД од СЗО.

Американската мисија во Женева порача во изјавата дека параграфите за правото на сиромашните земји да ги укинат правилата за патенти за да добијат лекови за време на здравствената криза „испраќаат погрешна порака до иноваторите“, кои се обидуваат да произведат нови лекови и вакцини.

Делот за репродуктивното здравје може да се толкува како барање на земјите да го дозволат абортусот, се додава во изјавата.

„Соединетите Држави веруваат во правната заштита на неродените“, рекоа американските претставници.


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top