Техеран: Распоредување заедничка европска флота во Персискиот Залив испраќа „непријателска порака“

Иран го оцени за „провокација“ британскиот предлог за формирање „мисија за поморска заштита“ со европските сојузници во Ормускиот теснец..

„Слушнавме дека (Европејците) имаат намера да испратат европска флота во Персискиот Залив“, изјави портпаролот на иранската влада, Али Рабие за новинската агенција Исна.

Со оглед на тоа што Техеран и Лондон се во конфликт во врска со запленувањето на танкерите, предлогот на Велика Британија да испрати поморска мисија на ЕУ во Персискиот Залив само ќе ги зголеми тековните тензии, предупреди портпаролот на иранската влада.

Идејата за распоредување на европска флота за да патролира во Персискиот Залив „испраќа непријателска порака“ и е „провокативна и ќе ги зголеми тензиите“, изјави Али Рабие во неделата, цитиран од новинската агенција Фарс.

Безбедноста во регионот треба да се одржува од самите земји во Заливот, а не од странски сили, истакна тој.

Тензиите меѓу Иран и Велика Британија започнаа да ескалираат на 4 јули, кога британската кралска морнарица и полицијата на Гибралтар го запленија иранскиот супертанкер Грејс 1 од јужниот брег на Шпанија. Официјални лица во Лондон рекоа дека бродот е осомничен дека транспортира нафта во Сирија, спротивно на санкциите на ЕУ. Техеран негира било каков прекршок.

На 19 јули корпусот на Исламската револуционерна гарда го зазеде танкерот Стена имперо, кој пловеше под британско знаме во Ормускиот теснец, за него се вели дека ги прекршил поморските правила.

Овие инциденти ги поттикнаа Техеран и Лондон да се обвинуваат едни со други за „пиратство“.

Во понеделникот министерот за надворешни работи на Велика Британија, Џереми Хант, побара да се испрати комбинирана европска поморска мисија за да се осигури безбедноста на превозот во Ормускиот теснец, што го поврзува Персискиот Залив со Индискиот Океан.

Германската министерка за одбрана Анегрет Крамп Каренбауер, рече дека Берлин ќе ја разгледа можноста да се приклучи на мисијата кога ќе биде „јасно“ одредена. Франција, Италија и Данска, исто така, наводно изразиле интерес да се приклучат.

Иранскиот министер за надворешни работи, Мохамед Џавад Зариф, ја обвини надворешната политика на Вашингтон дека се обидува да го турне Лондон во конфликт со Иран „надевајќи се дека ќе го вовлечат во неприлика“. Во саботата тој ги предупреди американските официјални претставници за промовирањето на изгледите за ограничена воена акција против Техеран. „Кратка војна со Иран е илузија“, рече тој.


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top