Тензично во Атина, кавги во парламентот, протести на плоштадите

Тензична дискусија во грчкиот парламент- протести на Синтагма..

Ципрас го обвинува поранешниот премиер од редовите на Нова демократија Самарас за прифаќање на терминот “Македонија” уште во далечната 91 година. Мицотакис пак вели дека ќе ја блокира идната Северна Македонија на патот кон Европската Унија. Во меѓувреме демонстрации пред Собранието – се очекува протестите да траат цела ноќ.

  • Инертноста, апатијата, одложувањето на решавањето на спорот, резултираа со признавање на нашите соседи со нивното уставно име од повеќе од 130 земји, вклучувајќи ги САД, Русија и Кина. Дури и медиумите и цела јавност ги нарекува “Македонија”, кажа Ципрас.

Национален пораз за Грција бил Преспанскиот договор – лидерот на опозициската Нова демократија порача доколку стане премиер на наредните избори ќе го искористи правото на вето. Мицотакис ќе ја искористел можноста да го блокира секое поглавје кое во иднина Скопје ќе го отварало во преговорите со ЕУ.

– Овој договор никогаш не требаше да дојде во грчкиот Парламент за ратификација, бидејќи претставува национален пораз. Процесот за интеграција на Скопје во ЕУ не е поврзан со Договорот од Преспа. Грција може во кој било момент да стави вето во процесот на интеграција на Скопје во ЕУ и ова право на нашата татковина одбивам да го напуштам, кажа Мицотакис.

Иако дводневната тензична дискусија се очекуваше да заврши вечерва – никој не се повлекува, а конфронтациите меѓу владејачката Сириза и опозицијата стануваат се пожестоки. Ципрас повеќе од еден час се објаснува пред пратениците дека Преспанскиопт договор е конструиран според сите барања на Грција и дека соседите го промениле дури и Уставот.

Иако дебатата во Собранието ќе заврши во 1 часот и 30 минути по полноќ протестите на Синтагма продолжуваат и ќе траат се до раните утрински часови.


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top