Тинејџер пронајде дијамант од 7,44 карати

Американски тинејџер пронашол дијамант од 7,44 карати, во националниот парк во сојузната држава Араканзас, соопшти во петокот интернет страницата на паркот..

Минатата сабота 14-годишниот ученик Калел Лангфорд со своето семејство престојувале во државниот национален парк Дијамантскиот кратер, каде што многумина посетители си ја пробуваат среќата трагајќи по скапоцени камења.

„Бевме во паркот само половина час, кога тој го најде дијамантот. Бојата на каменот беше многу темна, така што не верувавме дека станува збор за дијамант“, изјавил за локалните медиуми таткото на момчето.

Сепак кога каменчето им го покажале на службениците во паркот, станало јасно дека тинејџерот го пронашол еден од најголемите скапоцени камења во целата историја на „Дијамантскиот кратер“.

Според претставник на паркот, условите за наоѓање биле идеални. Обилните дождови од претходната недела ги измиле горните слоеви на почвата и ги откриле дијамантите. Дијамантот најден од момчето има големина на зрно грав и четириаголна форма.

Тинејџерот го нарекол „Дијамантот на Супермен“ и одлучил да не го продава, туку да го чува како спомен кој ќе го потсетува на посетата на паркот.

Од почетокот на годинава во овој парк се пронајдени 97 дијаманти. Најголемиот скапоцен камен најден на територијата на САД е ископан во рудник во сојузната држава Арканзас во 1924 година. Дијамантот со тежина од 40,23 карати е наречен „Вујко Сем“.



Copyright 2016 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top