„Тортура“; одбраната се повика на амнестијата од Иванов

Кафулето близу Кривичниот суд, повторно ги спои обвинетите братучеди, екс премиерот Никола Груевски и поранешниот директор на Управата за контраразунавање Сашо Мијалков..

Оттаму двајцата заминаа на различни рочишта каде се обвинети за „поттикнување“. Груевски со дел од сопартијците се бранат за случајот со шамарите во општина Центар, каде тој е обвинет за поттикнување насилство. Мијалков пак, во сдуница за случајот „Тортура“, каде се товари за наведување на насилство.

Одбраната на Мијалков и шестмината припадници на алфите обвинети за брутално апсење на Љубе Бошковски, повторно се повикаа на амнестијата на претседателот Ѓорге Иванов. Адвокатот Петар Василев рече дека освен еден обвинет, сите останати се помилувани од Иванов и беспотребно се води постапката.

„Доколку Судот реши и понатаму да ја води оваа постапка, тврдам дека ризикуваат да го прекршат законот и Уставот и тврдам дека непотребно и неосновано ќе извршат оштетување на Буџетот со водење на лица кои се исклучени од кривична одговорност“, рече адвокатот Василев.

Мијаков и алфите рекоа дека не се виновни. Од Специјалното јавно обвинителство пак, велат дека ќе докажат оти на 6 – ти јуни 2011 – та година, Мијалков ги навел алфите сурово и нечовечки да го апсат Љубе Бошковски, само поради различната политичка определба.

За да ја исполнат желбата на претпоставениот Мијалков, од СЈО тврдат дека полициските службеници употребиле прекумерна сила при апсењето на Бошковски, му ставиле пиштол на образ и му се заканувале дека нема бел ден да види. За ова Бошковски ќе бара и материјална оштета, но не ја кажа сумата.

„Тоа е сега најмалку важно. Не сме тука за материјалната штета, тука сме за штетата која ми е нанесена мене, на моето семејство, на мојата политички партија во овој полициско – политички монтиран процес, за кој впрочем се изјасни целиот демократски свет. Вие бевте сведоци како тоа беше брутално малтретирање и пвоторно доведување по вторпат, како во некој режиран филм, затоа што некоја камера, од некоја македонска телевизија тоа не го снимила во првото мое апсење“, рече Љубе Бошковски – оштетен во случајот „Тортура“.

Неколку метри од судницата во новата зграда, во стариот објект на Кривичниот суд се сослушуваа сведоци за случајот со шамарите во Центар, каде обвинети се Никола Груевски, екс министерот за транспорт и врски Миле Јанакиевски и тогашната советничка во општина Центар од ВМРО – ДПМНЕ Даниела Рангелова.

Сведочеа Сашка Ѓошева и Весна Милосавлевска, кои во тоа време биле советнички од СДСМ во општината. Тие тврдат дека на 10 јуни имало организиран напад во општина Центар и тоа од изманипулирана и организирана толпа на граѓани.



Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top