Трајковски: Се надевам дека ќе го задржиме првото место и конечно ќе дојдеме до ЕП

Македонската фудбалска репрезентација забележа уште една победа во Лигата на нациите, откако денеска на домашен терен во третото коло од новото натпреварување на УЕФА го совладавме Лихтенштајн со убедливи 4:1..

Со оваа победа Македонија е убедлив лидер на табелата и на одличен пат сме да го освоиме првото место по што ќе следува плеј-офот со останатите победници од групите во Дивизијата Д, во кој доколку успееме да победиме ќе обезбедиме место на ЕП.

Александар Трајковски, стрелецот на два погодоци на денешниот натпревар, се надева дека ќе продолжи одличната врска со капитенот Горан Пандев кој денеска два пати му асистираше и дека Македонија ќе успее да дојде до ЕП.

„Моментално гледате сите дека одлично соработуваме со Пандев, добро е што и така продолживме на натпреварите, тој да асистира јас да давам голови, иако некогаш може и јас него да му асистирам, но се додека тоа трае и ние победуваме, тоа е добро. Се гледа дека добро играме и дека напредуваме многу и веќе сме на првото место, па се надевам дека до крај ќе го задржиме и здравје боже ќе стигнеме до тоа Европско првенство“, изјави Трајковски.

Најголемиот конкурент на Македонија во групата е репрезентацијата на Ерменија која ја совладавме во Скопје, а денеска доживеа шок на домашен терен откако загуби од Гибралтар со 0:1.

„Ние не размислуваме на тоа дали Ерменија ќе загуби или ќе победи, секако дека ние одиме таму да одиграме на добар резултат, да не го загубиме тој натпревар. Сега за сега се е супер. Помина натпреварот со Лихтенштајн, победивме, прво место сме во групата и се надевам дека така ќе остане“, заклучи напаѓачот на Палермо и македонската репрезентација.



Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top