Трамп: Да ја чуваме Америка голема

Американскиот претседател Доналд Трамп и официјално ја започна неговата кампања за реизбор на функцијата. Притоа тој повеќе се фокусираше врз постигнувањата отколку врз неговата агенда за вториот мандат..

Обраќајќи им се на илјадници луѓе во центарот Амвеј во Орландо, Флорида, Трамп им постави прашање за тоа које подобар слоган за кампања - неговиот од 2016 година „Да ја направиме Америка голема повторно“ или поновиот „Да ја чуваме Америка голема“.

Со акламација, победи вториот слоган.

Апокалиптичниот јазик и укажувањето со прст јасно покажаа дека кампањата на Трамп во 2020 година веројатно ќе изгледа многу слична на неговата неверојатно успешна работа пред три години.

Оценувајќи дека ривалската Демократска партија сакала да ја „уништи земјата“, и напаѓајќи ги, како што ги нарече, „медиумите за лажни вести“ Трамп порача:

„Нашите радикални демократски противници се водени од омраза, предрасуди и бес. Тие сакаат да ве уништат и тие сакаат да ја уништат нашата земја, како што знаеме. Тоа е неприфатливо. Тоа нема да се случи“.

Трамп всушност е во изборна кампања уште од денот кога дојде во Белата куќа.

Тој официјално поднесе барање за реизбор на 20 јануари 2017 година, на денот на неговата инаугурација, а својот прв предизборен собир го имаше еден месец подоцна во близина на Мелбурн, на Флорида.

Тој ја одбра Флорида и за официјалното почнување на кампањата со оглед на тоа што таа американска држава се смета за клучна за резултатот на претседателските избори.

„И запомнете дека единственото нешто што овие корумпирани политичари ќе го разберат е земјотресот во гласачката кутија. Тоа е она што тие ќе го разберат и ќе го видат. Го направивме тоа еднаш. И сега ќе го направиме тоа повторно и овојпат ќе ја завршиме работата“.

Трамп се очекува со сигурност да ја добие номинацијата за претседателски кандидат на Републиканската партија.

Во истовреме, се уште не е јасно кој би можело да биде кандидат на Демократската партија.

Досега се имаат пријавено 20 претенденти, а на анкетите води екс потпретседателот на САД Џо Бајден.


Извор: Радио Слободна Европа


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top