Трамп е спремен да преговара со Северна Кореја

Американскиот претседател Доналд Трамп му порача денес на својот јужнокорејски колега Мун Јае Ин дека е отворен за преговори со Северна Кореја, објави кабинетот на јужнокорејскиот лидер по разговорот со Трамп, а потврди и Белата куќа..

Еден ден откако Северна и Јужна Кореја ги одржаа своите први разговори по повеќе од две години, Трамп кажа дека нема да има воени активности сѐ додека траат нивните преговори, соопшти јужнокорејската Сина куќа по телефонскиот разговор на двајцата претседатели.

„Двајцата лидери предвидуваат дека актуелните разговори меѓу двете Кореи можат природно да доведат до дијалог меѓу Соединетите Држави и Северна Кореја за денуклеаризација на Корејскиот Полуостров по одржувањето на Зимските олимписки игри во Пјеонгчанг, и се сложија тесно да соработуваат околу напредокот во преговорите меѓу Северот и Југот.

Претседателот Трамп кажа дека САД се спремни на разговори ако Северна Кореја ги сака, сѐ додека околностите и моментот се добри“, се вели во соопштението.

Белата куќа соопшти дека Трамп му кажал Мун дека Соединетите Држави се отворени за разговори со Северна Кореја „во соодветно време и под одредени услови“.



Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top