Трамп: Хуавеј претставува опасност, но ќе послужи за преговорите со Кина

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека Хуавеј би можел да биде дел од трговскиот договор помеѓу САД и Кина, и покрај тоа што неодамна ја прогласи оваа телекомуникациска компанија како „многу опасна".

Трговската војна помеѓу САД и Кина последниве неколку недели ескалираше со зголемување на царинските давачки. Набргу потоа, Доналд Трамп потпиша одредба со која го стави Хуавеј на црната листа на американската влада.

„Хуавеј е нешто многу опасно“, рече Трамп на прес-конференцијата во четвртокот.

„Гледате што прават од безбедносна гледна точка, воена гледна точка. Многу опасно“.

Но американскиот претседател исто така рече дека е „можно“ Хуавеј да биде дел од трговскиот договор со Пекинг.

„Ако постигнеме договор, можам да замислам дека Хуавеј ќе биде дел од тој договор“, рече тој.

Американскиот претседател пред неколку дена потпиша одредба со која директно ја забранува продажбата на опремата на Хуавеј во Соединетите Американски Држави и уште поважно набавување на опрема од САД, без одобрување од американските власти.

Според изјавата на Белата куќа, одредбата на Трамп има за цел „да ја заштити Америка од странски компании кои активно ги создаваат и експлоатираат слабостите во инфраструктурата и услугите за информатичка и комуникациска технологија на САД".

Одредбата му дава на министерот за трговија моќ да „забрани трансакции кои претставуваат неприфатлив ризик за националната безбедност".


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top