Трамп може да здивне, Интерпол нема да го гони

Сепак Иран ќе продолжи судски да го гони Трамп и откако ќе му истече претседателскиот мандат..

Интерпол одби да го разгледа барањето на Иран, кој издаде црвена потерница против претседателот на САД Доналд Трамп и побара помош на оваа меѓународна полициска организација во апсењето на Трамп и уште 35 лица, под сомнение дека се вмешани во напад со беспилотно летало во Багдад во јануари, во кое е убиен иранскиот генерал Касем Сулејмани.

Интерпол соопшти дека нема да го разгледа барањето на Иран, што значи дека на Трамп не му се заканува опасност од апсење.

Меѓутоа, како што истакнува АП, обвиненијата укажуваат на зголемени тензии меѓу Иран и САД, кои траат откако Трамп еднострано го повлече САД од нуклеарниот договор со Техеран и светските сили.

Иранскиот обвинител Али Алкасимер рече дека Трамп и уште 35 лица се осомничени за вмешаност во нападот на 3. јануари во кој е убиен Сулејмани, и дека се обвинети за убиство и тероризам, пренесе државната иранска новинска агенција ИРНА.

Обвинителот не ги наведе имињата на другите обвинети, но нагласи дека Иран ќе продолжи судски да го гони Трамп и откако ќе му истече претседателскиот мандат.


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top