Трамп: Можна е вонредна состојба, ќе ги употребам средствата од воениот буџет за ѕидот со Мексико

Трамп рече дека е „веројатно“ дека ќе прогласи вонредна состојба доколку не може да постигне договор со опозициските демократи за средствата за финансирање на ѕидот..

Претседателот Доналд Трамп најави дека наскоро би можел да прогласи вонредна состојба и да ги употреби средствата од воениот буџет за изградба на ѕидот долж американско-мексиканската граница откако не го убеди Конгресот да му обезбеди директно финансирање на проектот, пренесе АП.

Трамп слета во Мекелан, во сојузната држава Тексас, за од прва рака да се увери како течат напорите за сузбивање на илегалната имиграција на границата.

Трамп рече дека „веројатно“ ќе прогласи вонредна состојба ако не може да постигне договор со опозициските демократи за средствата за финансирање на ѕидот.

„Имам апсолутно право да прогласам вонредна состојба“, изјави Трамп за новинарите.

„Сѐ уште не го направив тоа, можеби ќе го направам. Доколку нема договор, најверојатно тоа ќе го направам. Речиси можам да кажам дефинитивно“, рече американскиот претседател.

Со оглед дека нема навестување за завршувањето на делумното затворање на владата, поради што 800.000 федерални вработени на 20-тиот ден или не работат или работат, но не добиваат плата, Трамп изјави дека нема да учествува на претстојниот Светски економски форум во Давос.

Претседателот на американската Централна банка Џером Пауел порача дека доколку владата остане затворена подолг временски период, тоа негативно ќе влијание врз најголемата светска економија.


Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top