Трамп му наложи на Пентагон да формира Вселенски сили

Претседателот на САД, Доналд Трамп најави дека ќе им даде инструкции на Пентагон да формираат Вселенски сили како одделна служба на авијациските сили..

„Ќе имаме Вселенски сили“, рече Трамп додавајќи дека тие ќе бидат одделни, но рамноправни, пренесе АП.

Како што рече, САД ќе бидат далеку понапред од останатите во вселената и планира да ја оживее замрената национална вселенска програма.

Американскиот претседател ја опиша вселената како прашање на национална безбедност, наведувајќи дека не сака „Кина и Русија и други земји да бидат понапред“ од САД.

Новите вселенски сили ќе бидат под команда на началникот на здружениот генералштаб Џозеф Данфорд.

Тој, исто така, вети дека наскоро ќе ги врати САД на Месечината и дека ќе стасаат до Марс.

Трамп ова го изјави во присуство на потпретседателот Мајк Пенс, директорот на американската вселенска агенција НАСА Џим Брајденстин, поранешниот астронаут Баз Олдрин и членовите на неговиот Национален вселенски совет.

Трамп во понеделникот ја потпиша новата директива за намалување на бројот на сателити во вселената.

Новата политика предвидува обезбедување на безбедна околина во орбитата, каде што сателитскиот сообраќај е зголемен.

Исто така се воспоставуваат и нови упатства за дизајн на сателити и нивната работа за да се избегнат судири и кварови на вселенските летала.

На чело на неодамна обновениот Национален вселенски совет е потпретседателот Мајк Пенс.

Извршниот секретар на советот Скот Пејс за новинарите пред состанокот изјави дека вселената станува сè поисполнет и тековните насоки се недоволни да се справат со тој предизвик.


Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top