Трамп најави активирање на војската за контрола на протестите

Доналд Трамп изјави во саботата дека властите на сојузните држави и во градовите мора да бидат многу построги во справувањето со протестите против полицијата или ќе се вклучи сојузната влада, со можна употреба на војската и апсења.

„Либералните гувернери и градоначалници мора да бидат многу построги или сојузната влада ќе мора да се вклучи и да го стори тоа што мора да го направи, а тоа вклучува и употреба на неограничената моќ на нашата војска и многу апсења“, објави американскиот претседател Доналд Трамп на Twitter.

Министерството за одбрана соопшти во саботата дека на своите воени единци им наредило да бидат подготвени во рок од четири часа, ако ги побара гувернерот на сојузната држава Минесота поради безредијата кои следеа откако бел полицаец задуши црн маж во Миниеаполис. Медиумите забележуваат дека толку кус рок за потенцијално вклучување на војската вообичаено се воведува во случај на природни катастрофи.

„Засега гувернерот на Минесота не побара поддршка од вооружените сили на Националната гарда на Минесота или на полицијата“, соопшти Пентагон.

Американскиот државен обвинител Вилијам Бар, исто така во саботата, рече дека „радикали и агитатори однадвор“ ги преземале протестите во американските градови поради смртта на невооружениот црн маж кого полицијата го уапсила во Минеаполис во понеделникот.

„Групи надворешни радикали и агитатори ја користат ситуацијата за да спроведуваат сопствена насилна агенда. Сојузно злосторство е да се прејдат државните граници или да се користат меѓудржавни структури поради иницирање или учество во насилни протести, а ние ќе ги спроведуваме законите“, рече обвинителот Бар во видео-изјава.

Истовремено вршителот на должноста министер за внатрешна безбедност, Кен Кучинели, на прес-конференција по убиството на припадник на федералните безбедносни служби во Окленд, во Калифорнија, порача дека американските власти ќе ги сметаат нападите врз службениците на безбедносните служби и агенции за „внатрешен тероризам“.

„Кога некој на мета ќе земе полициски службеник или полициска станица, со намера да предизвика штета или да заплашува, тоа е чин на внатрешен тероризем“, изјави Кучинели.

Претходно телевизијата CNN пренесе дека службеник на федералната служба за безбедност на САД бил застрелан ноќта кон саботата во Окленд во текот на протестот за смртта на афроамериканецот Џорџ Флојд во Миниеаполис.

Во Минесота, како и во редица други сојузни држави и во најголемите градови, од почетокот на седмицата се одржуваат масовни протести, проследени со вооружени грабежи и вандализам, откако на интернет се појави снимка на којашто се гледа како бел полицаец со колено на вратот го притиска на земја легнатиот 46-годишен Џорџ Флојд, осомничен дека во продавница платил со фалсификувани банкноти. По потерата црниот маж бил фатен и соборен на тротоарот, а белиот полицаец го притискал со коленото на вратот додека Флојд извикувал дека не може да дише, но четворицата полицајци како што се гледа до снимката не обрнувале внимание на тоа.

Кусо потоа Флојд починал во болница. Тројца полицијаци кои учествувале во неговото апсење беа ослободени од притвор следниот ден, на 26-ти мај, додека еден од нив, Дерек Шовен е приведен во притвор и обвинет за убиство од трет степен.


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top