Трамп не верува дека Опра Винфри ќе се кандидира за претседателка

Претседателот на САД воедно изрази уверување дека доколку тоа се случи, ќе ја порази.

Претседателот на САД Доналд Трамп, кажа дека не верува дека медиумскиот магнат и филантроп Опра Винфри, ќе се кандидира за претседателка во 2020-та година, но изрази уверување дека ќе ја порази.

„Ќе биде многу забавно со неа“, изјави Трамп во Белата куќа, „но не мислам дека таа ќе се кандидира за функцијата“.

Шеесет-и-три годишната Винфри не е кандидатка, барем не официјално, но нејзиниот говор за време на доделување на наградите „Златен глобус", предизвика бурни медиумски шпекулации за можна кандидатура во 2020-та, веројатно како демократка.

„Не знам дали го видел“, изјави портпаролот на Белата куќа, Хоган Гидли, одговарајќи на новинарско прашање дали Трамп го гледал говорот на Винфри.

Сепак, нејзините коментари за тоа дека израснала во сиромаштија, за зајакнување на позицијата на жените и поддршка за медиумите коишто се под постојана критика од страна на претседателот, брзо предизвикаа реакции, а конзервативните политички личности позитивно се изразија за неа како потенцијален кандидат.

Запрашана зад сцената, дали планира да се кандидира за претседателка, Винфри само кусо одговори: „Не, не“. Сепак, одредени нејзини блиски пријатели се цитирани велејќи дека таа размислува за опцијата.

Дополнително, нејзиниот долгогодишен партнер, Стедман Греам, за весникот Лос Анџелес тајмс изјави: „Зависи од народот. Таа апсолутно би го сторила тоа“.

Во телевизиско интервју минатата година, Винфри покажа дека изборот на Трамп го променило нејзиното мислење за тоа дали и` недостасува искуство за највисоката функција на Америка. Но, во друго телевизиско интервју во октомври, ги ублажи шпекулациите, наведувајќи: „Нема да се кандидирам за каква било јавна функција“.

Винфри, како што беше случајот со Трамп пред да стане претседател, никогаш не била на јавна функција.

Во минатото, Трамп зборуваше мошне позитивно за Опра Винфри. Во телевизиско интервју од 1999-та година, кога спомена дека е можно да се кандидара за претседател наредната година, (иако не го стори тоа), тој додаде: „Опра секогаш би била мој прв избор“ за потретседателски кандидат. Таа е брилијантна и исклучителна жена“.



Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top