Трамп од Сингапур повторно ги нападна Трудо и Европа

Американскиот претседател Доналд Трамп повторно ги нападна западните сојузници со низа твитови од Сингапур, каде се подготвува за историската средба со севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун..

„Фер трговијата сега треба да се нарекува трговија за будали доколку не е реципрочна“, напиша американскиот претседател на Твитер.

„Според соопштението од Канада, на трговијата со САД заработуваат речиси 100 милијарди долари (изгледа се фалеа и беа фатени!). Минимално 17 милијарди. Им плаќаме царини на млечните производи по стапка од 270 отсто. Кога за тоа е прозван, (премиерот) Џастин (Трудо) се навредува!“

Не е јасно на кое соопштение од Канада се повика американскиот претседател.

Според податоците од канцеларијата на американскиот трговски претставник, САД минатата година забележале вишок во размената на добра и услуги со Канада од вкупно 8,4 милијарди долари.

Трамп ја нападна и Европа напишувајќи на социјалната мрежа дека „САД го сносат речиси целиот трошок на НАТО за заштита на истите оние земји кои потоа не дерат на трговијата... Европската Унија имала вишок од 151 милијарда долари – би требало да плаќа многу повеќе за војска!“

Војната со зборови меѓу САД и нивните традиционални сојузници изби во саботата кога американскиот претседател на Твитер го нападна канадаскиот премиер, домаќинот на самитот Г7, и ја повлече поддршката на заедничкото соопштение откако Џастин Трудо најави контрамерки на американските царини на увоз на челик и алуминиум.

Трамповите помошници вчера продолжија со нападите. Така советникот за економија Лери Кадлоу го обвини канадскиот премиер дека на САД „им забил нож во грб“.

Европа и Канада воздржано реагираат на твитовите на Трамп. Франција порача дека меѓународната соработка „не може да се потпира на лутење и мали зборови“, а германската канцеларка ја нарече одлуката на американскиот претседател за повлекување на поддршката за соопштението на Г7 „отрезнувачка и депримирачка“.


Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top