Трамп: Oва беше најголемата револуција во САД досега

Доналд Трамп за време на предизборниот митинг во Пенсилванија ги повика поддржувачите да гласаат на претстојните избори за Конгресот, додавајќи дека ова било најголемата револуција што некогаш се случила во Соединетите држави.

Ураганот Мајкл, еден од најмоќните што го погодија копното на Соединетите држави во изминативе 50 години со силни ветрови, високи бранови и поројни дождови, беше само дел од говорот на претседателот Доналд Трамп на предизборниот митинг во Ери, Пенсилванија.

„Тој е голем, еден од најголемите што сме ги виделе. Цела Пенсилванија, цела Америка ја испраќа својата непоколеблива љубов и поддршка“.

По најновите брифинзи со државните службеници за последиците од ураганот Мајкл на Флорида и во Џорџија потпретседателот Мајк Пенс го одложи закажаното патување во Атланта.

Од друга страна, претседателот Доналд Трамп на собирот во Пенсилванија, освен повикот за солидарност, упати и апел до приврзаниците да излезат на ноемврските избори за Претставничкиот дом и Сенатот и да гласаат за републиканците.

„Единствената причина да гласате за демократ е ако сте уморни од победување. Тогаш би требало да гласате за демократ“.

Трамп притоа оцени дека станува збор за револуција во Соединетите држави:

„Ова беше најголемата револуција што некогаш се случила во нашата земја. Тука сме“.

Анкетите за јавното мислење покажуваат дека приврзаниците на демократите се поентузијасти да гласаат на овие избори за Конгресот.

Сепак, во последниве недели републиканците го намалија јазот и ја искористија борбата на Брет Кавано при неговото одобрување во Сенатот за член на Врховниот суд по предлог на Трамп, да ги поттикнат нивните гласачи да излезат на изборите во почетокот на ноември.

Вообичаено партијата која ја држи Белата куќа губи места на среднорочните избори за Конгресот.

Многу аналитичари предвидуваат дека демократите ќе можат да ја преземат контролата врз Претставничкиот дом, но воопшто не е јасно дали ќе го преземат и Сенатот.


Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top