Tрамп побара и од Кина да го истражи Бајден

Американскиот претседател Доналд Трамп кажа дека сака Украина и Кина да го истражат неговиот политички соперник, демократот Џо Бајден и неговиот син, отворно барајќи го она поради што демократите во Конгресот отворија истрага за негово отповикување..

Претходните обиди на Трамп украинскиот претседател Володимир Зеленски да отвори истрага за Бајден и неговиот син Хантер се снимени во транскриптите на телефонскиот повик од 25 јули кој го направила Белата куќа, како и во пријавата на откривачот во која се тврди дека Трамп сакал да создаде притисок врз украинскиот лидер со скратување на американската финансиска помош.

„Им препорачувам повторно да отворат истрага за Бајден“, одговори Трамп на прашањето што сака од Зеленски.

Тој додаде и дека верува дека истрага за семејството на веројатниот демократски претседателски кандидат на изборите следната година треба да отвори и Кина поради работењето на Хантер Бајден во таа азиска држава, но не откри на што конкретно мисли.

„Покрај тоа, и Кина би требало да отвори истрага за Бајден. Бидејќи она што се случи таму е подеднакво лошо како и во Украина“, кажа американскиот претседател пред да отпатува на Флорида.

Поранешниот американски амбасадор во Украина Курт Вокер стана првиот сведок кој сведочеше шред Конресот во истрагата за отповикување на Трамп.

Вокер се спомнува во жалбата на анонимниот откривач, а во Конгресот сведочи пред одборите на Претставничкиот дом за надзор, разузнување и надворешни прашања.

Тој минатата недела поднесе оставка по објавувањето на жалбата во која се опишува дека се обидел да ја „намали штетата“ од Трамповото барање од Зеленски.

Американскиот претседател од украинскиот колега побарал да го истражи Бајден и неговиот син Хантер, кој, додека татко му беше потпретседател во владата на Барак Обама, работел во одборот на украинска енергетска компанија.

Демократите поради тоа го обвинија Трамп дека создава притисок врз Украина за сопствена политичка корист.


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top