Трамп преку Твитер се пресметува со Твитер

Доналд Трамп го обвини Твитер за задушување на слободата на изразување откако технолошкиот гигант првпат ја стави на тест објективноста на твитовите на американскиот претседател..

Трамп го обвини Твитер дека се мешал во претседателските избори во ноември во САД и порача дека како претседател немало да го дозволи тоа. Твитер досега беше омилена платформа на Трамп за ширење на неговите, често контроверзни, пораки и за пресметки со политичките противници.

Трамп сега го користи Твитер за да се пресмета со Твитер, коментираат аналитичари за Би-би-си.

Во согласност со својата нова политика за спорни и лажни содржини што ги доведуваат корисниците во заблуда, Твитер со син извичник и со укажувањето „Проверете ги фактите за гласањето по пошта“ им сугерираше на корисниците да ги посетат страниците каде што се прави проверка на фактите и се побиваат тврдењата на Трамп дека гласањето по пошта ќе доведе до изборни злоупотреби. Страниците за проверка на фактите на кои упатува Твитер се повикуваат, меѓу другото, на наодите на Си-ен-ен и на „Вашингтон пост“, пренесува Дојче веле.

Трамп ги изнесе тврдењата откако американските сојузни држави најавија дека ќе ги разгледуваат опциите да овозможат гласање по пошта за сите гласачи за да спречат ширење на коронавирусот. Повеќето избирачи во анкети изјавија дека не би излегле на глaсаат на гласачките места среде пандемија на ковид-19.



Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top