Трамп сака да ја приватизира Меѓународната вселенска станица

Меѓународната вселенска станица (ИСС) би можело да стане приватна, како што сака Белата куќа, која најави дека за неколку години веќе нема да сака да ја финансира скапата програма на НАСА, објави вчера Вашингтон пост..

Целта е да се приватизира ИСС, вселенската станица поставена во ниската орбита на Земјата, управувана од американската вселенска агенција, а развиена заедно со руската вселенска агенција, се вели во внатрешен документ на НАСА до кој дошол весникот.

На ИСС има меѓународна екипа, особено во соработка со европските, јапонските и канадските вселенски агенции, за развој на научни истражувања во универзумот.

Одлуката да се прекине директната поддршка од федералните власти за ИСС до 2025 година не значи дека во тој момент станицата ќе биде повлечена од орбитата, туку можно е да продолжи да работи како дел од некој иден комерцијален аранжман, пишува во документот.

НАСА ќе ги развива своите меѓународни и комерцијални партнерства во следните седум години за да обезбеди постојано присуство и пристап за луѓе до ниската орбита на Земјата, продолжува документот.

НАСА почна со надворешни соработници за некои операции, особено на летовите за снабдување на станицата, кои досега ги вршеа Спејсекс и Орбитал АТК. Оваа тенденција се засилила за време на мандатот на Барак Обама.

Планот за приватизирање на станицата веројатно ќе наиде на отпор, особено затоа што, потсетува Вашингтон пост, САД веќе потрошија околу 100 милијарди долари за лансирање и за трошоците за функционирање на станицата.

Републиканецот Тед Круз рече дека се надева дека информациите за одлуката на НАСА да престане да ја финансира станицата „ќе се покажат лажни како и 'Големото стапало'“. Тој рече дека одлуката е резултат на „глупаците“ во Административно-буџетската управа.

„Како фискален конзервативец, знаете дека една од најглупавите работи што можете да ги направите е да откажете програми откако во нив сте вложиле милијарди, а тие сè уште можат да функционираат сериозно корисно“, рече тој.



Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top