Трамп се обрати до нацијата за состојбата на американското единство

Американскиот претседател Доналд Трамп синоќа се обрати во Конгресот со говор за состојбата на американското единство, отчет пред законодавците и пред милиони Американци за одработените политики на власта во годината што изминала..

Обраќањето, кое требаше да се случи при крајот на јануари но беше одложено поради блокада на федералната Влада, траеше еден час и дваесет минути, а Трамп го започна со набројување на политичките победи на републиканците, пред да дојде до за него клучната тема – изградба на ѕид на границата со Мексико.

-Ќе направам да се изгради, потврди тој.

Повторна блокада на Владата не е исклучена ако не се постигне договор за поцврста гранична контрола со демократите, кои се категорично против изградба на ѕид.

Темата со нелегалната имиграција е јаболка на раздорот помеѓу демократите и републиканците и Трамп повтори дека каравани со мигранти доаѓаат кон јужната граница што за многумина звучеше како претерување.

Истакна и дека цврсто стои зад борбата против абортусот.

Општо земено обраќањето на Трамп допре до некаква форма на обединување – она што го бараа многумина демократски политичари и набљудувачи – да се отфрли политиката на одмазда и отфрлање.

Претседателот истакна дека Американците треба да се горди за високото место што жените во САД го постигнале во општеството – многу повеќе жени се во работен однос и дека Конгресот има најголем број на жени-законодавки – околу 102 претставника се жени.

Трамп истакна дека на глобално ниво Америка има статус на супер ѕвезда на која и завидуваат други земји поради силината на нејзината економија и армија.

-Американскиот економски раст е најсилен од сите во светот, со создавање на 600 илјади нови работни места во индустријата, укажа претседателот.

Очекувано беше многу податоци од обраќањето на Трамп да се пренагласени и искажани во суперлативи. Како и во многу други изјави и говори, така и сега, некои американски медиуми беа подготвени за проверка на фактите зад тврдењата на претседателот.

Така на пример „Њујорк Тајмс“ утврди дека економскиот раст на САД не бил најсилен во светот. Полска и Литванија лани имале двојно посилен економски раст, па дури и економијата на Грција во 2018 година пораснала повеќе од американската.

Трамп укажуваше на намален криминал во некои погранични градови како Ел Пасо, сојузна држава Тексас, откако биле изградени погранични бариери. Но „Си-Ен-Ен“ утврди дека криминалот се намалил долго пред да бидат поставени бариерите.

– Американскoто економско чудо се случува и единствените нешта кои можат да му наштетат се војните, партиската поделеност и смешните истраги, истакна Трамп, алудирајќи на истрагата на специјалното обвинителство предводена од Роберт Малер за наводните врски со Русија од претседателската кампања во 2016 година.

Во однос на очајните состојби и немири во Венецуела под режимот на Николас Мадуро, претседателот го спомена и зборот „социјализам“ и укажа дека „Америка никогаш нема да биде социјалистичка земја… Ние сме родени во слобода и ќе останеме слободни“.

Обраќањето на претседателот за состојбата на американското единство стана традиција уште од времето на Роналд Реган, претседателот и законодавците да канат избрани гости како илустрација за позитивното (или негативното) влијанието на политиките на власта. Овојпат во главната сала на Кoнгресот седеа тројца воени ветерани од Втора светска војна, поранешниот космонаут од мисијата на Месечината, Баз Олдрин, ветерани ранети во војните во Блиски исток, рехабилитирани дилери на дрога помилувани од претседателот, жртви на вооружени десничарски екстремисти, па и малиот Џошуа Трамп, кој бил навредуван на училиште токму поради тоа што носи исто презиме со претседателот.

Демократите реплицираа на говорот преку Стејси Абрамс, партиска функционерка од сојузната држава Џорџија, која го обвини Трамп за „срамот со блокадата на Владата“.


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top