Трета пресуда во случајот „Тенк“, шест години затвор за Јанкулоска

Шест години затвор за поранешната министерка за внатрешни работи поради лукскузниот Мерцедес.

З.Ставревски: Сѐ некој се јавува што има проблеми кој што ќе заврши во затвор, самоубиство, ќе сече вени…

Г.Јанкулоска: Ама ние стварно сите ќе завршиме во затвор вака како што сме тргнале.

З.Ставрески: Ја видов пораката твоја, што да кажам!

Ова е една од т.н „бомби“ кои ги објави СДСМ, во времето кога беа опозиција. Денеска, во случај покрнат од страна на СЈО врз основа на слична „бомба“, Гордана Јанкулоска доби шестгодишна затворска казна. Поранешната министерка за внатрешни работи е осудена дека ја злоупотребила службената положба во постапката за набавка на луксузниот „Мерцедес С600“, случај во јавноста познат како „Тенк“.

Јанкулоска не беше во судницата да ја слушне пресеудата. Во образложението на пресудата претседателката на Судечкиот совет, Добрила Кацарска рече дека Јанкулоска при набавка на возилото вредно 600 илјади евра во 2012 година, со умисла го поттикнала и екс-помошникот министер Ѓоко Поповски да ја изврши задачата, кој пак за истото дело беше осуден на затвор од шест и пол години.

Специјалната обвинителка, Фатиме Фетаи, рече дека според Кривичниот законик, со оваа висина на казната, Јанкулоска би требало да се затвори веднаш, но имајќи ги предвид околностите, односно дека е мајка на тримесечно бебе, побара од Судот да ѝ определи мерка – забрана за напуштање на живеалиштето.

Одбраната вели дека пресудата е неоснована и дека постапката ќе ја продолжат во Апелациониот суд. Адвокатката Сања Алексиќ рече дека за време на кривичното гонење за предметот, на обвинетата ѝ биле определени мерки на претпазливост, ѝ била одземена патната исправа и добила наредба редовно да се пријавува во Суд.

Кривичниот суд одлучи до почетокот на издржување на казната, на Јанкулоска да ѝ се зголемат мерките на претпазливост, изрекувајќи ѝ забрана да го напушти нејзиното живеалиште, односно градот Скопје. Постапката за судскиот процес против Јанкулоска, пред неколку месеци беше одвоена поради нејзината бременост, а започна на крајот на август, кога обвинетата се породи. Во случајот „Тенк“претходно беа осудени  екс-премиерот Никола Груевски на две години казна затвор и поранешниот помошник министер во МВР, Ѓоко Поповски на шест и пол години затвор. Двајцата се жалеа до Апелациониот суд за висината на казните. Апелацијата во петокот соопшти дека жалбата на Груевски е отфрлена и му ја потврди затворската казна. На Поповски, пак, пресудата му е намалена на четири и пол години.

ТВ21


Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top