Тревога за цунами во Грција

Силен земјотрес со јачина од 6,4 степени според Рихтеровата скала е регистриран околу два часа по полноќ во морскиот регион на грчкиот остров Закинтоc..

Епицентарот на земјотресот бил на 44 км. југо-југозападно од Закинтос. Предизвикана е материјална штета, особено на постари објекти и споменици на културата. Според властите, три лица биле хоспитализирани со помали повреди. Жителите на Закинтос во паника излегоа од домовите на улица, плашејќи се да се вратат бидејќи имаше уште неколку последователни помали потреси.

„Беше страшно. Паѓаше мебелот, со отвораа шкафчињата“ - сведочат жители.

„Ги напуштивме домовите. Не сакаме да се вратиме назад“ - велат жителите.

Островот беше без електрична струја неколку часа. Градоначалникот на Закинтос, Павлос Колокоцас изјави дека училиштата ќе бидат затворени. Грчките власти првично издадоа предупредување за цунами, но подоцна го повлекоа алармот.

„Не се соочуваме со некои конкретни проблеми. Полека се трудиме да ги санираме последиците“ - рече Павлос Колокоцас – градоначалник на Закинтос.

Властите соопштија дека поголемо оштетување било избегнато поради тоа што на островот повеќето градби биле со сеизмичка заштита. Земјотресот бил почувствуван стотици километри во јужна Италија. Пожарникарите во Калабрија и Сицилија добиле илјадници телефонски повици од загрижените локални жители. Закинтос беше погоден од земјотрес со јачина од 6,8 степени во 1953 година.

Над 140 лица загинаа и во земјотресот северно од Атина во 1999 година. Земјотресот бил регистриран и во Македонија со Рихтерова магнитуда од 6.8 степени, но и на сите острови на Јонското Море, на Малта и во Либија.


Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top