Три се градат, четврт автопат се подготвува

Рокот за завршување на изградбата на автопатот Миладиновци-Штип ќе биде поместен за година ипол во однос на планираниот термин од мај годинава, односно до септември идната 2018 година..

Во владата веќе се подготвуваат законските измени со кои со анекс на договорот со кинеската компанија Синохидро ќе се утврди новиот датум. Тоа колку повеќе од првобитно планираните 206 милиони евра ќе бидат потребни за конечно и Источна Македонија да ги добие првите километри автопат сé уште точно не се знае. Слична судбина го очекува и автопатот Кичево-Охрид во вредност од планирани 373 милиони евра, кој требаше да биде готов до јануари 2018. Нискиот процент од само 48% реализираност на работите и сериозните пречки во нивното извршување на кои наидоа градежниците ќе бараат повеќе време и пари - колку точно до едното и другото засега не се прогнозира прецизно. Нема прецизен рок ниту за автопатот Демир Капија-Смоквица, кој заглави заради административни работи околу дислокацијата на далноводот и изградбата на контролниот центар во Неготино, што најверојатно ќе се реши во најбрз можен рок.

Според официјални извори, работата на автопатиштата не е запрена, но се одвива со намалено темпо. Во меѓувреме, се подготвува да започне да се работи и на четврт автопат во Македонија, кон Косово. За овој проект засега нема никакви попрецизни детали.



Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top