Триесетина бранители од 2001 година си го одзеле животот

Триесетина бранители си го одзеле животот, десетина извршиле свирепи убиства..

Триесетина бранители кои учествуваа во воениот конфликт во 2001 година досега посегнале по сопствениот живот, а десетина извршија и сурови убиства. Препуштени сами на себе, без никаква институционална помош, трауматичните искуства на десетици илјади македонски бранители се опасност за целото општество. Чекајќи на решенија предвидени со новиот Закон за бранители, кој последен пат се појави на политичката мапа пред повеќе од две години, во Здруженијата на бранители стравуваат дека ќе продолжат инцидентите во кои се вклучени и нивни членови.

Неделното тројно убиство во Кавадарци, извршено од поранешен бранител, уште еднаш ги постави прашањата околу психофизичката состојба на учесниците во воениот конфликт од 2001 година. Како се справуваат со траумите од крвавите случувања во земјава, дали успеаа да се ресоцијализираат, колку ги залечија повредите и тагата од загубата на блиските, дали добиваат редовна психијатриска и здравствена помош, како егзистираат?

„Немало и нема организирана помош, барем еднаш да беше договорен психијатриски или здравствен преглед“, вели Игор Петрески, претседател на здружението „Карпалак“. 

Марин Најдов, член на Одборот на бранители, нагласува дека од 2001 година до денеска, бранителите не се под ничија заштита. Според него, воените ветерани изминатава деценија се обиделе да направат исчекор и да остварат некои права што им следуваат, но не успеале, бидејќи државата не била организирана.

„За жал, една поголема група бранители - дали од психичко растројство, а најголем дел поради тоа, или, пак, поради неможност да егзистираат, си го одзедоа животот, а и има такви што им ги одзедоа животите на други“, признава Најдов.

Од здруженијата велат дека не се води официјална статистика околу бројот на бранителите што се самоубиле или извршиле убиство, што сметаат дека е уште еден минус за државата. Сепак, според нивните податоци, се претпоставува дека бројот на учесници од конфликтот од 2001 година, кои во меѓувреме си го одзеле животот изнесува и до 30 лица.

„Последен таков случај имавме во Куманово пред неполн месец. Човекот беше професионален војник, а последниве години работеше во Агенција за обезбедување. Три малолетни деца останаа без татко“, тврдат нашите соговорници.

Од друга страна, не е мал ниту бројот на случаи во кои страдаа блиски на воените ветерани. Тројното убиство во Кавадарци е најкарактеристичниот таков пример, но медиумите известуваа и за „поранешниот бранител што си ја уби сопругата“, па „за коцкарска фатална кавга меѓу поранешни бранители“... Здруженијата на бранители располагаат со неофицијална бројка од десет убиства извршени од учесници во конфликтот од 2001 година.

Во моментов во државава функционираат петнаесетина здруженија на бранители, кои бројат околу 30.000 члена. 

„Девет од нив сме собрани во Одборот за бранители што беше формиран во Прилеп. Планираме веќе в година да преземе некои активности во поглед на остварување на правата на бранителите и на нивните семејства, бидејќи се чини дека државата нема намера да го направи тоа. Се' уште имаме генерации што допрва треба да зачекорат во животот, а зад себе ги имаат случувањата и траумите од војната“, посочува Најдов. 

„Засега дејствуваме единствено преку здруженијата на бранители, институционална помош немаме ниту во министерствата за здравство и одбрана, ниту на друго место. Постојано се чека на Законот за бранители, но тој никако да се донесе веќе 13 години“, нагласува Игор Петрески од „Карпалак“.

Воените трауми мора да се лекуваат
„Сите луѓе кои учествувале во воен конфликт на кое било место - доживуваат трауми. Честопати, тие трауми се во континуитет. По завршувањето на служењето војска или на бојното поле, тие многу често доживуваат посттрауматско стресно заболување и затоа се препорачува оние што имале воено искуство, макар да биле и во престрелки - значи и полицајците, задолжително да посетуваат психолошки-психијатриски третман за да се намалат последиците. Станува збор за многу тешки, агресивни и емотивни доживувања. Во САД, на пример, постојат специјални установи, во кои учесниците во војна се лекуваат и добиваат психолошки третман. Едноставно, неопходно е државата да презема мерки и за своите службеници што ја бранеле, како и за фамилиите на жртвите“, објаснува психијатарот Витомир Мицев. (Г.А.)



Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top